Чи ќофте
Состојки
- 500 гр ситен булгур
- 3 лажици доматна паста
- 1лажица пипер паста
- 5чешниња лук
- 5 полни лажици рендан домат ( може и од тегла )
- 4лажички црвен пипер
- 2 лажички ким мелен
- 2лажички сол
- 200мл маслиново масло
- 1 голема главица кромид
- 8 коцки мраз
- 3 лажици сос од калинка
- 2 лажици буковец лут или свежи чили пиперки.
- За сервирање
- 2-3 листови ајсберг салата
- 1 лимон,сокот
- 150 мл сос од калинка
Подготовка
Често знаевме да го купиме, но по желба на мојата ќерка го побаравме рецептот од една пријателка,па сега доста долго време го приготвуваме сами. Рецептот може да се спреми на неколку начини. Еден е со прелеан булур со жешка вода, па да отстои, а другиот е на начин кој сега ќе ви го опишам. Како и да е ова е тежок рецепт зашто бара многуууу месење, раце болат. Еве ја подготовката.
1. Во тава го истураме ситниот булгури го додаваме ситно исецканиот кромид и лук. Можете и да ги изрендате. Месиме со рацете да се спојат. Процесот за приготвување на овој рецепт е околу 1 час.
Тајната е во долгото месење. Откако измесивме добро и се споија кромидот и булгурот, полека ги додаваме пастата од пипер и домат а воедно додаваме и три коцки мраз. Повторно месиме, но долго. Кога коцките мраз ќе дојдат до пола големина, го додаваме ренданиот домат. Доставаме уште две коцки мраз, и повторно долго месиме.
2. Смесата веќе ќе почне да се соединува полека, да станува како тесто. Повремено капнувајте масло, додека не го потрошите. Месете додека ги снема коцките мраз. Зачинете со состојките и додајте пак коцка мраз. Постепено додајте го сосот од калинка и пак месете. По вкус додајте му лут буковец или иситнете свежи чили пиперчиња. Додајте му малку маслиново масло, промешајте го како сос и полека додавајте во смесата.
3. Пак месете. Смесата веќе е готова, а булгурот нараснат од водените состојки во него. Од готовата смеса која ја добивте, вадете парченца. Ставете ракавици и намастете ги рацете со маслиново масло. Вадете по едно парче од смесата и стегајте го низ прстите. Така спремното парче редете го на чинија. Излегува многу од смесата. Кога сите се готови, служете.
Зависи кој како го сака да го јаде.
Може да се премачка на парче кора потпечена, да му се капне сок од лимон, сос од калинка и да се додаде ајсберг салата, па да се замота како ролна.
Можете и само така прелеани со сос од калинка. Како и да е,ова е омилениот Турски рецепт на мојата ќерка Сара.