Испечати

Пиле во тесто (Јубилеен 1200-ти рецепт)

Пиле во тесто (Јубилеен 1200-ти рецепт)

Состојки

  • пиле од 1 до 1,5 кг
  • Зачини за пилето
  • сол, кари, црн бибер, мешан сув зачин, буковец и други по вкус
  • Зачини за полнење
  • рузмарин, оригано, мешан сув зачин и сл.
  • до 250 гр путер
  • За тесто
  • 450 гр брашно
  • 1/2 сув квасец
  • 1 лажичка шеќер
  • 1 лажичка сол
  • 300 мл млака вода

Подготовка

Овој јубилеј ќе го одбележам со една анегдота. Постојано има муабети од моите домашни дека во нашето семејство се готват превкусни рецепти и дека треба да отвориме некоја пекара или слаткара. На тоа сопругот ќе каже „Вале, ти си имаш шест постојани муштерии, нели ти е доволна оваа бројка на постојани дегустатори кои уживаат во твојата храна, со тенденција да се и веќе се зголемува бројката....Едвај за нив постасуваш да зготвиш...Ако пак толку сакате на влез на кујна ќе ставиме име на пекарата и ќе почне мајка ви да ви наплаќа“....хахахахаха
Значи тоа е, готвам со љубов за моите најблиски!
А каде сте во муабетов сите вие што го читате ова? Па зготвеното несебично го споделувам со вас мили мои и тоа со години наназад! Секој рецепт е внимателно одмерен, запишан, фотографиран и споделен со сите вас.
Примете топли прегратки и уште еден вкусен рецепт од мојата кујна!
Ви благодарам и на вас, тимот на Мои рецепти, затоа што знаете како да не мотивирате да подготвиме некој поинаков рецепт и постојано ни давате предлози и идеи кои ние се обидуваме да ги реализираме. Ве поздравувам!

А сега за рецептот...
Конечно да подготвам и солен јубилеен рецепт. Секој досегашен јубилеј го одбележував со некоја нова торта, ама еве ме сега со рецептов кој е превкусен. Вака подготвеното пиле е со сочно и ровко месо и тесто кое го кршиме и со него макаме од путер течноста што ни е во тавчето.
Нека ви е на здравје!

Подготовка
1. Пилето го зачинуваме по вкус со сол, мешан сув зачин, кари, бибер, буковец сл. Во внатрешноста на пилето во празнината исто ставаме зачини како рузмарин, оригано и сол. Го оставаме по можност да отстои неколку часа.

2. Пред да го завиткаме во тесто му ставаме путер до 250 грама во стомачната празнина. Колку путер ќе ставиме зависи од големината на пилето. За да се завитка во тесто го легнуваме на стомак со копанчињата надоле. Го ставаме во плех кој е набрашнет и добро е да не е многу поголем од пилето, на пример да има простор до 3 см од пиле до ѕидовите на садот.

3. Тестото го замесуваме како леб, на меко замесен. Го расукуваме во големина за да го опфати целото пиле, на пр. со дебелина од 1 см. Го ставаме пилето, го виткаме во тесто и го ставаме во тавата за печење. Го печеме во загреана рерна додека да порумени кората на тестото па ставаме во тавчето два прста топла вода. Ја намалуваме температурата на 180 степени и продолжуваме со печење, со тоа што од течноста се прелева тестото. Откако ќе поцрвени тестото ја намалуваме температурата на 150 степени.

4. Постапката на прелевање од истата течност се повторува на секој 13 до 15 мин. А ако се намали течноста (испари) се додава, важно е до крајот на печењето да остане најмалку 1 прст течност (впрочем поголем дел од течноста е стопениот путер со кој го полневме пилето). Го оставаме да подизлади, па си кршиме од тестото, си макаме од путер-софтот и си кршиме мевца од пилето.

Забелешка
Ако ви е помало пилето, на пример околу 1 кг треба тестото да го направите со помалку брашно, од 300 до 400 грама.
Исто така путер ставаме помалку ако ни е помало пилето, може од 1/2 до 1/3 од путерот да се стави.