Испечати

Грав со расол во тава

Грав со расол во тава

Состојки

  • 1 главица кисела зелка (расол)
  • 500 гр грав
  • 1 главица кромид
  • 3 лажици црвена пипер (за три запршки)

Подготовка

Жалам што не успеав да направам поубава фотографија, но додека стигнав јас да седнам на масата, јадењето уште врело им беше ставено во тањирите, дуваа и јадеа хе хе.
Ова ми е многу убаво зимско јадење и го правам често кога се пости .

1. Гравот го вариме, секој како си е навикнат. Јас го ставам да зоврие, потоа му ставам една лажица црвен пипер, половина главица сечкан кромид, една голема шолја масло, го намалувам огнот на минимум, поклопувам и оставам на тивко 2-3 часа да си се свари.

2. Киселата зелка (расол) ја сечкаме на ситно и ја ставаме во тенџерче на оган да испари течноста. Додаваме масло и пржиме десетина, петнаесет минути, додека убаво се испржи. Зачинуваме со црн бибер а сол само доколку не ни е доволно солена зелката.

3. Испржениот расол го ставаме на дното на земјена тава. Во мало тенџерче правиме запршка од масло и една лажица пипер и полеваме врз зелката. Варениот грав исцеден од водата (оставаме само малку) го ставаме врз пржениот расол. Посолуваме според вкус, додаваме мелен бибер, дотураме малку од водата колку да има во што да врие и ја ставаме тавата во рерна на 250 степени околу 40 минути.
Пред крајот во тенџерче правиме нова запршка од масло, половина главица кромид и една лажица пипер црвена. Запршката ја истураме врз тавата и ја враќаме во рерна уште десетина минути.
Ова ми е едно од омилените посни јадења а го сакаат и сите дома. Измешаниот вкус на грав и расол потсетува на комбинациите од посните зимски слави.
Наздравје