Домашна боза со оригинален вкус
Состојки
- 1 шола просеано пченкарно брашно
- 1 полна до врв шолја шеќер
- 3 литри вода
- 10 г свеж квасец
Подготовка
Па не било баш „боза“ да се направи боза дома. Не е тешка постапката, ама стравот дека нема да го добиете вистинскиот вкус ќе си го имате се дур бозата не биде готова следниот ден и дур не пробате. Јас ја имав таа среќа да ја погодам од првпат, вкусот идентичен како најдобрата боза во градот. Со сласт си ја испивме, добив 3 литри, по 1 литар на ден си делевме по дома. Па и домашна баклава имав, мерак комбинација.
Мерата е со шолја од 250 г.
Подготовка
1. Прво, просеаното брашно ставете го во поголемо тенџере на средна температура и на суво запечете го. Мешајте константно со жица за матење околу 7-8 минути се додека не почне да го менува мирисот и бојата. Внимавајте да не го загорите брашното, ќе ви го уништи вкусот на бозата. Проценката ќе мора да си ја дадете самите. Пократко време на печење - посветла боза и обратно.Тргнете го тенџерето од ринглата и оставете да се олади. Ако во овој момент ја додадете водата, ќе ви се направат грутки при контактот на ладната вода со жешкото брашно. Затоа се остава да се излади и брашното и тенџерето, па се налева водата.
2. Во исто време, квасецот се раствора во малку топла вода со сосема малку шеќер, треба да се остави да запени и да се активираат квасните бактерии.
3. Потоа, се налева водата во тенџерето со брашното и се загреваат до варење, се меша постојано со жица за матење неколку минути па кога смесата ќе почне да се згуснува, се додава 1 шолја шеќер. Се меша уште некоја минута на тивко вриење. Смесата треба да има поретка густина од бозата која сте навикнале да ја пиете, ако е прегуста, слободно додадете вода. Течноста се згуснува со стоењето, следниот ден ќе биде погуста од таа која во моментот ја гледате.
4. Вака подготвената течност, се трга настрана да се излади. Кога ќе биде веќе топла/млака, се додава растворениот квасец, се меша и се покрива со крпа да седи до наредниот ден. Температурата на чување треба да биде собна. Ако е потопло, бозата ќе биде готова за пократко време и обратно. Во текот на заквасувањето, мешајте ја течноста повремено. Ќе почнат да се појавуваат меурчиња на површината и да се добива киселкаст мирис специфичен за бозата - така треба.
Следниот ден, пробајте малку. Ако е веќе достигнат киселкастиот вкус, значи е спремна за собирање. Ако е прегуста, додадете малку вода, ако не ви е блага, растворете 1-2 лажици шеќер во 1 мала шолја топла вода и додадете кон бозата. Промешајте убаво и наполнете ги шишињата со боза. Јас добив точно 3 шишиња од по 1 литар. Шишињата се чуваат во фрижидер и бозата се служи ладна. Треба да се консумира за неколку дена, не трае долго. Пред употреба промешајте го шишето.
Ако правите наскоро боза пак, оставете 1 чаша од оваа боза за потквас, а во новата боза не додавајте квасец.