Ќофтиња со праз
Состојки
- 1 поголем страк праз
- 2 лажици брашно
- 1 јајце
- малку презла
Подготовка
Благодарение на натпреваров на страницава, оживеа еден стар рецепт од мојата баба. Се сеќавам дека како дете ја гледав како го подготвува, но подоцна кога и самата станав домаќинка, никогаш не го направив. Некако го заборавив. Баба ми ја нема повеќе од 20 години, но рецептот е повторно тука.
1. Празот се чисти и се сече во должина на многу тенки долови. Попречно се сече на неколку пати, за да се добијат тенки парченца долги околу 5 см. Со малку водичка, колку од миењето се става на оган да се обари, да омекне. Се насолува сосема малку. Кога сосема ќе омекне, се остава да подизлади и со рака убаво се исцедува сета течност што останала.
2. Се крши едно јајце, се промешува и се зачинува. Се додава брашното и се формираат плескавици. Смесата е многу леплива па затоа на рацете ставаме презла па фаќаме од смесата. Се пржи во врело масло додека убаво да се вцрви од двете страни а внатре да изврие. Јас ги направив за проба, како прилог со неделниот ручек, мажот ми и децата се воодушевија. Ми рекоа дека сакаат уште. А тоа е најдобриот комплимент за секоја домаќинка. ,