Стапчиња со солен прелив
Состојки
- 500 гр брашно
- 150 мл млеко (млако)
- 150 мл вода (млака)
- 2 големи лажици масло за готвење
- 1 мала лажица шеќер
- 2 мали лажици сол
- пола коцка квасец
- солен прелив
- 1,5 мала лажица сол
- 3 мали лажици брашно
- на врв на ножот сода бикарбона(или пециво)
- по потреба вода
- за премачкување - малку масло за готвење
Подготовка
Домашни стапчиња со солен прелив, вкусно пециво, кое верувам дека многумина го обожаваат и истовремено ги потсетуваат на детството.
Подготовка
1. Прво го активираме квасецот со шеќерот, млаката вода и 1 лажица од брашното.
2. Потоа ги додаваме останатите состојки, од кои брашното на крај. Замесуваме мазно и меко тесто, кое не лепи.
3. Го оставаме на топло да стаса (можете да ја вклучите рерната на 50 степени додека го месите тестото, и потоа исклучете ја рерната и оставете го внатре тестото - покриено да стаса)
4. Сега поделете го тестото на 10 еднакви делови, формирајте ги како топчиња и оставете ги покриени да одморат 10на минути.
5. На намрсена работна маса почнувајки од првото топче формираме долги ленти, кои ги редиме во плехот од шпоретот врз хартија за печење.
6. Ја вклучуваме рерната на 220 степени. За тоа време стапчињата (покриени) ќе подстасаат.
7. Пред печење ги премачкуваме со помош на силиконска четка со вода.
8. Печеме додека благо да заруменат, па ги вадиме и им ставаме од солениот прелив, кој се подготвува од наведените состојки со додавање на малку вода во вид на каша, со конзистенција погуста од смесата за палачинки. Нанесуваме од солениот прелив со помош на лажица (ако сакате да направите подебели линии) или со помош на ќесенце за замрзнување, кое на врвот го дупнуваме со чечкалица (јас користев ќесенце за замрзнување)
9. Стапчињата ги враќаме во рерната уште малку да се допечат.
10. Откако ќе ги извадиме, ги премачкуваме со масло за готвење.
Совет - доколку сакате да ви бидат помеки стапчињата, завиткајте ги во некое чаршафче, па во ќесе. -Јас не ги завиткувам, на овој начин се крцкави однадвор, а внатре меки.
-Доколку сакате да ги употребите како посна варијанта, замесете ги само со вода... Превкусни се и така.
На здравје!