Торта Снежна шума
Состојки
- За елки
- 500 гр лиснато тесто
- За бисквитно тесто
- 5 јајца
- прстофат сол
- 160 гр шеќер
- 200 гр брашно
- 10 гр пециво
- За фил
- 600 мл вода
- 20 гр ванилин шеќер
- 160 гр шеќер
- 230 гр брашно
- 1 јајце
- 250 гр путер
- 200 гр шеќер во прав
- Дополнителни состојки
- 2 лажици какао
- 50 гр кокосово брашно
- 30 гр шеќер во прав
- 50 гр бело и црно чоколадо
- 100 гр малини
Подготовка
Мојата Божиќна торта... Среќни празници!
Подготовка на елките од лиснато тесто:
1. За да ги подготвите најпрво ви се потребни фишеци кои јас си ги подготвив од картон, па ги обвиткав со алуминиумска фолија. Одмрзнатото лиснато тесто го расукуваме и го сечеме на ленти со помош на линијар и алатка за сечење. Ги обвиткуваме фишеците со една лента и на крајот ги спојуваме со малку вода, ги премачкуваме со силиконска четка за да не ни се одлепуваат при печење.
2. Ги печеме на 200 степени додека да сменат боја. Ги оставаме да се изладат, па ги вадиме фишеците.
Подготовка на бисквитното тесто:
1. Јајцата ги кршиме и ги двоиме белките од жолчките. Белките ги матиме со прстофат сол, да се згуснат. Жолчките ги матиме со шеќерот и ванилиниот шеќер, да се згуснат до светло жолта боја. Наизменично со шпатула (не со миксер) додаваме белки и брашно во жолчките. Значи ставаме од состојките на 3-4 пати и постепено соединуваме, за да смесата ни стане воздушеста.
2. На хартија за печење цртаме кругови со дијаметар 19 см, ја превртуваме хартијата и ставаме по 3-4 лажици од смесата на секој круг, распоредуваме до рабовите на кругот. Вака формираме 6 теста. Ги печеме на 200 степени во загреана рерна околу 5-10 минути или да сменат боја. Ги превртуваме и им ја отстрануваме хартијата за печење. Ги оставаме да се изладат.
Подготовка на фил:
1. Половината од водата ја ставаме заедно со шеќерите да зоврие.
2. Останатата половина ја соединуваме со брашното и јајцето. Откако ќе зоврие водата, ја истураме соединетата смеса во неа и вариме на тивко со постојано мешање(јас прво со рачна маталка па со миксер) додека да згусне. Ја оставаме да излади.
3. Путерот и шеќерот во прав ги матиме пенасто, па ги соединуваме со варениот изладен крем.
Редење и филување:
1. На чинија за сервирање ставаме бисквитно тесто, распоредуваме 2-3 лажици од филот, па рендаме чоколадо. Така со сите теста, а чоколадо и бело и црно, а може и наизменично.
2. Дел од филот оставаме за полнење на елките. Во овој фил додаваме какао и веднаш ги полниме елките.
3. Откако сме ја исфилувале тортата ја посипуваме со кокосово брашно и шеќер во прав.
4. Елките ги редиме околу тортата, ги посипуваме со шеќер во прав и украсуваме со малини.