Испечати

Меломакарона

Меломакарона

Состојки

  • За сируп
  • 300 мл вода
  • 600 гр шеќер
  • 1 стапче цимет (искршено)
  • 6 каранфилчиња
  • 1 портокал (исечен на 4)
  • 180 гр мед
  • Суви состојки за тесто
  • 0,5 кг брашно
  • 150 гр семолина или ситен гриз
  • 100 гр шеќер
  • 1/2 лажица прашок за печење
  • 1 рамна лажица цимет
  • 1/3 лажиче морско оревче
  • 1/3 лажиче каранфилче
  • рендана кора од два портокали
  • 1 пакетче портокал шеќер (ако имате)
  • Водени состојки за тесто
  • 100 гр сок од портокал
  • 90 гр вода
  • 300 гр масло (пола сончогледово, пола маслиново)
  • 3 лажици коњак
  • 1 лажиче ванилин екстракт
  • 1/2 лажица сода бикарбона
  • 50 гр мед

Подготовка

1. Најпрво се подготвува сирупот бидејќи треба убаво да излади додека стасаат колачињата. Направете го што поскоро и оставете го на ладно и не брзајте со колачите бидејќи нема да стаса да се излади целосно, а треба да е комплетно ладен.

2. Во сад ставете ги сите состојки освен медот да зовријат. Намалете ја температурата до под средно на вашата ринга и оставете да вријат 3-4 минути. Тргнете од рингла и додадете го медот. Мешајте додека се соедини и стопи. Оставете го на ладно да се лади. Јас го покрив и го оставив на балкон. И овде несвесно ги ставив сите состојки со се медот заедно. Ништо страшно. Сирупот пак стаса токму колку што треба, ни повеќе, ни помалку. Но, чинам медот се става на крај можеби за да се зачуваат неговите хранливи состојки колку-толку.

3. За правење на колачињата на едно место ги мешаме сувите, а на друго водените состојки, со таа разлика што содата ја ставаме во водените да запени и да се угаси. Потоа водените ги додаваме на сувите и месиме тесто. Тестото не го месете долго, само колку да се соедини и откако ќе го измесите веднаш започнете со обликувањето на колачите, бидејќи ако не ги следите овие совети голема е веројатноста тестото да го одврати маслото на површината.

4. Земајте парчиња од тестото отприлика со тежина од 50на грама и обликувајте во јајце форма или можете кружни ако сакате. Ставете ги во тава на оддалеченост бидејќи нараснуваат. Откако се наредени со нож засечете ги на неколку пати површно или избоцкајте ги со вилушка. Ова е за добро да се испечат и потоа добро да го впијат шербетот.

Печете на 180С 20на минути, додека благо не закафеават.

Печените колачи веднаш ставете ги во ладниот сируп, отприлика 15-20 секунди, при што за тоа време 2-3 пати ќе ги превртите и потоа извадете ги.

На крај, може да ги украсите со мелени или толчни ореви, а пред тоа ако сакате откако добро ќе го впијат шербетот може и да ги чоколадирате пред да ги поросите со оревите. Јас ги оставив вака.