Солен ролат со спанаќ, компири и лосос(500 рецепт)
Состојки
- За делот со компири
- 1 сварен компир (80 гр)
- 2 жолчки
- 40 гр мек путер
- 2 лажици брашно
- 2 белки
- За делот со спанаќ
- 600 гр свеж спанаќ
- 1 кромид
- 50 гр путер
- 3 жолчки
- 2 белки
- 80 гр брашно
- Фил
- 300 гр крем сирење
- 200 гр чаден лосос
Подготовка
Вака, така, си врват годините, уште некој месец и 9 години ќе се сторат со учеството на оваа страна и јас дојдов до друг јубилеј, 500 рецепти. Се радувам на јубилеите на секоја членка, а се радувам и на моите. Голема благодарност до целиот тим на Мои рецепти, благодарност до сите членки за вашата ангажираност, овде може од сите да се научи многу за готвењето. Кога се готви со љубов, успехот е неизбежен. Сакам на сите да ја честитам Новата година, поминете ја со радост и љубов и среќни и весели Божиќни празници.
1. Компирот сварете го и додека е уште жежок додајте му го путерот и зачинете го. Изгмечете го со алатка за пире. Белките убаво изматете ги. Во компирот додајте ги жолчките, брашното и убаво измешајте. Лажица по лажица додајте ги и белките и измешајте. Смесата ставете ја во кеса, отсечете и го врвот и на тава прекриена со хартија исцртајте шара.
2. Спанаќот исчистете го и попарете го со врела вода да омекне. Исцедете го убаво, дури и со рака стегајте го да излезе целата течност. Во него ставете го изренданиот кромид, путерот, зачинете, додајте ги жолчките и убаво изблендирајтре ја смесата. Додајте го брашното, па изматените белки. Смесата нанесете ја врз шарата од компири.
3. Печете во загреана рерна на 180 степени отприлика 20 минути. Наводенете две кујнски крпи и печенето тесто ставете го измеѓу нив. Нека се олади и премачкајте го со крем сирењето, наредете го лососот и завиткајте ролат од потесната страна.
На здравје! Убаво предјадење за секој вид свечен ручек или вечера.