Солен чизкејк (јубилеен 300ти рецепт)
Состојки
- Основа
- 2 лажици ленено семе
- 6 лажици топла вода
- 100 гр потпечени семиња ( сусам, сончоглед и семки од тиква )
- 150 гр овесни снегулки
- 2 лажици маслиново масло
- 1 лажиче сол
- 1/2 лажиче лук во прав
- 2 лажички буковец
- 200 мл вода
- Фил
- 2 јајца
- 300 гр урда
- 100 гр крем сир
- 100 гр грчки јогурт
- 50 гр сецкана пршута
- 2 лажици пармезан
- 1/2 лажиче сол
- 1/2 лажиче лук во прав
- 2 лажички оригано
- карамелизиран кромид
- 1 голема главица кромид
- 2 лажици маслиново масло
- 1/2 лажиче сол
- 1 лажица балсамико
- 1 лажица мед
Подготовка
Мојата љубов кон готвењето ја наследив од мојата мајка која е според мене виртуоз во готвењето. Од неа учам многу работи, но нескромно ќе кажам дека и јас ја учам на некои „ модерни “ рецепти и новитети. Секојдневно обострано се надополнуваме.
Со огромно задоволство стигнав до мојот тристоти рецепт. Како што можете да забележите преку моите рецепти во последно време се трудам во секојдневната исхрана да користам здрави состојки, го избегнувам белото брашно и рафинираниот шеќер, но повремено готвам и по нешто "нездраво”, не сум ги оставила целосно.
Решив мојот јубилеј да биде нешто поинакво од тоа што сите не асоцира кога ќе слушниме чизкејк, а тоа е десерт. Ви го претставувам мојот чизкејк во солена варијанта со здрави состојки.
Мило ми е што сум дел од членовите на Мои Рецепти, можеби и најмлада тука :) Благодарам на сите убави коментари, забелешки и сугестии. Посакувам сите да останеме во добро здравје, среќа, љубов и мир во душата во Новата година.
Основа
1. Меленото ленено семе го мешаме заедно со водата во мал длабок сад да стои 10тина минути.
2. Во блендер ги ставаме семињата и овесните снегулки и блендираме. Ги додаваме меленото ленено семе, маслото, зачините и водата . Блендираме. Смесата ја оставаме на страна додека го припремаме филот.
Фил
1. Во длабок сад ги ставаме урдата и јајцата. Промешуваме да се соедини смесата. Во смесата ги додаваме крем сирот, грчкиот јогурт, пармезанот, пршутата и зачините. Промешуваме.
Во долг калап за со димензии 27х9х7 обложен со хартија за печење ја ставаме смесата за основа и ја распределуваме. Врз неа го ставаме филот. Покриваме со алуминиумска фолија и печеме во загреана рерна на 180 степени 30 минути. После тоа ја вадиме фолијата и печеме уште 1 час. Солениот чизкејк го вадиме од рерна , покриваме со крпа и оставаме неколку часа да се излади.
Карамелизиран кромид
1. Кромидот го чистиме и сечеме на тенки резанки. Во тавче на оган го ставаме маслиното масло да се загрее, па го пржиме кромидот 10 тина минути. Додаваме сол и балсамико и пржиме. При крајот го додаваме медот, пржиме уште неколку минути. па го тргаме од оган.
2. Кромидот го ставаме врз солениот чизкејк.
Послужуваме.