Празнична медена куќичка
Состојки
- ТЕСТО
- 380 г брашно
- 1/2 лажичка прашок за пециво
- 170 г шеќер
- 100 мл мед
- 100 мл вода
- 125 г путер
- 1 полна лажичка зачин за медењаци
- Глазура
- 2 белки
- 1 лажичка алкохолен оцет
- околу 400 г шеќер во прав ( во зависност од големината на белките - до потребната цврстина)
Подготовка
За првпат оваа година решива да пробам да направам празнична куќичка. Искрено, во еден момент на подготовката си велев што ли ми требаше да ја правам. Ја работев 2 дена, но крајниот резултат вреди. Не сум тип кој многу се занимава со декорации и украсување, така што на оние поискусните, сигурно нема да им биди проблем последната фаза од изработката. Ви препорачувам да ја правите со вашите деца зашто радоста нивна е најскапоцена.
Прво се ставаат да се загреат шеќерот и водата, кога ќе почнат да варат се оставаат да варат неколку минути и се трга смесата на страна. Се додава путерот да се растопи. Потоа во друг сад се става брашното, прашокот за печиво и зачинот за медењаци. Се меша. Се додава претходно припремениот сируп и медот и се замесува мазно нелепливо тесто колку да се соединат состојките. Се дели тестото на два дела, се витка во најлонска фолија и се остава во фрижидер 1 час.
Потоа се вади едната половина и на набрашнета површина се развлекува кора од 5 мм.
Со помош на шаблон и нож се исекуваат формите и се префрлаат на рамен плех обложен со пекарска хартија.
Ќе ви требаат 2 исти предни страни, 2 странични ѕида, 2 парчиња за покривот и 4 мали парчиња за оџакот. Достапни шаблони со сакана форма имате на интернет колку да сакате. Јас плус извадив и неколку други форми како човечиња, елки, срциња итн. Куќата која ја направив е околу 15 на 15 цм. Значи дозата е доволна дури и отповеќе. Со останатото тесто ако ви остани, ќе си направите бисквити во саканата форма.
Во добиените форми, отсечете прозорци, врати итн.
Спремните форми се печат 15 минути на 180 степени. Потребно ќе ви биде да печете на 2 пати.
Откако убаво ќе се изладат, доаѓа делот на лепењето.
Најдобар начин за лепење е со растопен шеќер. Ставете околу 200 г шеќер да се растопи и карамелизира. Дур е во течна состојба, се нанесува со помош на лажичка или директно се мака едната страна во него и се лепи со друго парче. Треба да работите брзо зашто се стврднува. Повторно загрејте го за да се врати во течна состојба. И останатите форми пред куќичката може да ги залепите со карамелизиран шеќер.
За декорирање
Изматете ги белките, додадете 1 лажица алкохолен оцет и околу 400 г шеќер во прав. Смесата не смее да ви биде течна, туку со неа лесно да можете да исцртувате. Потребно е да имате и добар алат за исцртување форми.
Декорирањето останува на вас, јас ги исцртав прозорците, вратата, ставив обилно прелив врз покривот, залепив 2 срциња на предната страна со карамелизиран шеќер, можи да користите и прехранбени бои и да ја ишарате повеќе куќичката. Мене вака ми беше доволна, на крај ставив свеќичка внатре и наросив шеќер во прав.