Празнични снежни колачиња со мармалад (ПОСНО)
Состојки
- 150мл Вода (врела)
- 300мл Зејтин
- 500-550гр Брашно
- 1 Ванила
- 1 Пециво
- За посипување
- по потреба Прав шеќер
- За полнење
- по ваш избор Мармалад
Подготовка
Обожавам брзи, едноставни и вкусни рецепти, со состојки кои во секој момент ги имаме дома, и токму затоа денес ви го споделувам овој рецепт. Колачињата се одлични, верувам дека ако ги пробате често ќе бидат застапени на вашата трпеза...посебно во овој празничен период, како снежни топчиња се.
Подготовка -
Во длабок сад го ставаме пецивото и го попаруваме со врелата вода, го додаваме зејтинот, ванилата и на крај брашното. Се замесува мазно тесто, од кое веднаш ги правиме колачињата.
Јас го поделив на 25 топчиња за 25 колачиња (може да ги направите и помали ако сакате, поголеми - не)
Секое топче го расплескуваме со помош на рацете како кругче, во средината ставаме мармалад (може и оревче) и го затвараме со помош на прстите...го формираме како топче.
Ги редиме во плех за печење. Печеме во загреана рерна на 200 степени околу 30 минути (сепак проверете според вашата рерна)
Откако ќе се испечат, веднаш ги увалуваме во прав шеќер.
Уживајте во овие неодоливо ровки колачиња со чај или кафе!