Испечати

Велешко Ѓозлеме

Велешко Ѓозлеме

Состојки

  • 700гр Брашно
  • околу 400мл Вода (млака)
  • 1 коцка Квасец
  • 1м.л. Шеќер
  • 2м.л. Сол
  • 3г.л. Зејтин
  • околу 200гр Месо (свинско)
  • околу 200гр Сирење
  • по потреба Сало (маст) и зејтин

Подготовка

Кога ќе се спомне Велес, веднаш добиваме асоцијација на пита пастрмајлија, но Велес одамнина изобилува со богата гастрономија. Еден од рецептите кои се дел од тоа богатство е и Велешкото Ѓозлеме. Ова е стар велешки рецепт, некој го приготвуваат со пастрма...ние дома не сме љубители на пастрмата, па затоа и не ставам (по желба). Внатре е како памук, а однадвор крцкаво, целото е разлистано, преубава сукана пита, пробајте ја во некоја прилика...превкусно е.

Подготовка -
Најпрво се подготвува месото, кое го сецкаме на мали парчиња и го посолуваме.
Потоа го замесуваме тестото (со претходно стасаниот квасец) Го оставаме да стаса околу 30-40 минути, па го делиме на 12 исти топчиња. Секое топче врз набрашнета работна маса го расукуваме во големина колку чинија. Добиваме 12 кругчиња. Зимаме 1 делче, го премачкуваме со 1г.л. (растопено сало со зејтин), врз него ставаме друго делче...на тој начин продолжуваме со сите останати кругчиња и така добиваме 6 корички од по 2 дела.
Сега зимаме една коричка, ја расукуваме во големина на тавчето (број 28), ја ставаме во тавчето (намрсено) мачкаме насекаде од мрсното (сало+зејтин) па ја ставаме втората коричка - врз неа рендаме сирење и малку прскаме од мрсното. Сега ја расукуваме третата коричка, ја ставаме врз втората коричка (со сирење) мачкаме насекаде од мрсното, ја ставаме четвртата расукана коричка - пак рендаме сирење и прскаме од мрсното. Ја расукуваме петтата коричка, ја ставаме и намрсуваме, врз неа ја ставаме последната коричка - сечеме на парчиња, и на секое парче буцкаме од месото.
Оставаме да одмори 15-20 минути и ја уклучуваме рерната да се загрее на 200 степени. Пред печење попрскуваме со мрсно насекаде.
Откако ќе се испече, го намрсуваме ѓозлемето со помош на четче и го покриваме со крпа.

Тоа е мирисот на свежо испечено Ѓозлеме, вистинско уживање за гурманите.
Едноставно јадење составено од тесто и свинско месо, слоевито, во внатрешноста
сирење, меко, а однадвор крцкаво.
Уживајте!