Бурек пита со модри патлиџани и праз
Состојки
- 1 пакетче готови кори за пита
- 3-4 модри патлиџани
- 1 главица кромид
- 1 парче праз
- 2 чешниња лук
- 1-2 моркови
- сол, бибер, оригано, куркума
- 2 лажици сечкан магдонос
- 100 мл кисела вода
- 50 мл масло
Подготовка
Модрите патлиџани ги сакам само за гледање. Последниве години се усилувам да се научам да ги јадам, но не ги можам во се. Да не пробав на една манифестација каде готвев заедно со здружение на жени зелник од модри патлиџани. Овој рецепт ни на крај не би помислила да го правам, а не пак и да го јадам. Моето искуство со зелникот од приказнава беше дека тој фил на ваков начин од модрите се понаша како со месо да е. Е така и ова што ќе ви го презентирам се однесуваше, иако не сте сигурни точно дека баш месо ви алудира, ама ако не знаете сигурно нема да погодите од што е филот. Испробано на себе и на гостите за кои го правев.
Со стапче за ражени избоцкајте ги модрите патлиџани и ставете ги во тавче со обложена пек-хартија . Печете ги во загреана рерна на 200С 40на минути.
Во тава со масло запржете го сечканиот кромид, па додајте го сечкан празот и изренданите моркови. Кога ќе омекни празот, додајте го лукот исечкан ситно или испасиран и ситни исечкани модрите патлиџани. Откако ќе испржат на крај посолете, зачинете и додајте го магдоносот. Кој сака луто, можи да стави и чили.
Во намрсена тава 25х35 ставете две кори. Секое ставање на кора во тавата попрскувајте со водата и маслото.
Филот поделете го на 4 дела отприлика.
Над корите ставете фил, над филот ставајте ги следните кори згужвани, попрскувајте, редете фил, па згужвани кори се додека се потроши материјалот. Најгоре прекријте исто рамно со последната кора. Попрескате и ставете да се печи на 180С отприлика 40на минути, а и повеќе, зависно од рерната.
Печениот бурек пита покријте го со пацета и оставете го малку да подолади пред сечење.
П.С. - околу изгледот... за да го распоредам што подобро филот кој ми се гледаше како да ми е малку, а не беше течен за распоредување, гужваните кори мачкајќи ги спласнав. Ако не го направите тоа, ќе добиете на поголема висина и растреситост, па ќе изгледа повеќе пита отколку бурек. Иии.. во мометнот немав кисела вода, употребив обична. Мислам дека тоа го „дотепа“.
Сакам да кажам, изгледот можи да е уште подобар од презентираниов заради овие причини, ама вкусот секако е тој, интесен, одличен.