Испечати

Полнети ролат векни

Полнети ролат векни

Состојки

  • За тесто
  • 50 мл млак јогурт
  • 1 лажица шеќер
  • 1 свеж квасец
  • околу 1 кг брашно
  • 500 мл млако млеко
  • 1 јајце
  • 2 лажички сол
  • 200 гр путер
  • За фил
  • 200 гр салама
  • 100 гр урда
  • 100 гр сирење
  • 2 лажици кисела павлака
  • За премачкување
  • 1 јајце
  • 2 лажици масло
  • За посип
  • сусам и ким

Подготовка

Ова ни беше еден вкусен неделен појадок кој количински излегува многу, таман за нашето семејство, ама стигна и гости да го пробаат...Реакциите беа дека е баш многу вкусен.
Ќерка ми Теофанија додека го јадеше рече ,,мамо, горната кора има еден вкус и кора, тоа во средина е многу вкусно и меко, а долната кора е крцкава и миризлива“. Што да ви кажам, лесно се подготвува, а крајниот исход вреди за секоја минута потрошено време во кујна. И моја препорака е да си ги подготвите исклучиво со путер, затоа што тоа е тајната состојка во овој рецепт.

Подготовка
1. Квасецот, шеќерот и млакиот јогурт ги ставаме во еден сад за да се активира квасецот.
2. Брашното, солта, јајцето ги ставаме во сад во кој ќе го замесуваме тестото. Со додавање на активираниот квасец и млакото млеко го замесуваме тестото до средно меко, глатко и да не се лепи за раце.
3. Го делиме на два дела и ги оставаме така покриени со крпа додека да го подготвиме филот (околу 10 минути).
4. Ја рендаме саламата, го додаваме ренданото сирење, урдата и јајцето. Соединуваме и филот ни е подготвен.
5. Едната половина од тесто ја расукуваме во правоаголна форма. На половината рендаме ¼ од путерот или 50 грама. Преклопуваме со другата половина од истово тесто. Пак рендаме 50 гр путер на половината, преклопуваме и го оставаме на страна додека истото го правиме со втората половина од тестото.
6. Го расукуваме првото тесто во форма на правоаголник. Половина од филот распоредуваме по него, наросуваме оригано и го мотаме во ролат. Го ставаме во тава за печење. Истата постапка ја повторуваме со второто тесто.
7. Ја вклучуваме рерната да се загрее на 180 степени и додека се загрева ги оставаме да стасаат (околу 20 минути).
8. Ги премачкуваме со јајце разматено со масло и ги наросуваме со ким и сусам. Печеме додека да поруменат.
9. Откако ќе се испечат оставете ги малку да подоладат, за да не се глетави кога ќе ги сечете.

Забелешка
Ќе осетите на рака дали е потребно да се достави млеко за замесување на тестото. Јас малку на тврдо го замесив, а треба да биде по насредно умесено. Потоа малку тешко ми се расукуваше, ама бидна веќе.