Јапонски палачинки (воздушести и меки)
Состојки
- 2 жолчки
- 2 лажици растопен путер
- 1 пакетче ванилин шеќер
- 170 мл јогурт
- 60 г брашно
- 1 лажичка прашок за пециво
- 1/4 лажичка сода бикарбона
- 2 белки
- 1 лажица шеќер (по желба)
- прстофат сол
- 1/2 лажица оцет
- масло или путер за премачкување на тавата
- калап обрач за палачинките (дијаметар 10 цм или повеќе помали)
Подготовка
Лесно е да се навлечеш на нив-рецепт за безобразно меки облаци од палачинки. Божествената воздушеста текстура се добива благодарение на белките кои се матат во цврст снег и дури потоа се додаваат во остатокот од смесата. Едноставен трик, а многу ефектен. Од оваа количина добив 6 палачинки - тие на сликата.
1.Одделете ги белките од жолчките.
2.Белките изматете ги во снег со малку сол. Додадете шеќер 1 лажица (а и не мора) и малку оцет и матете подолго со миксерот за да се зацврсти снегот.
3.Потоа во друг сад, изматете ги жолчките, додадете растопен путер, јогурт, брашно, прашок за пециво, сода и ванилин шеќер.
Кон оваа смеса, додавајте со лажица од смесата со белките и нежно со шпатула убаво измешајте ги двете смеси. Смесата ќе стане воздушеста.
4.Загрејте ја тавата за палачинки, намастете ја со путер или масло, намалете ја температурата на средна, ставете го калапот или ако е возможно повеќе калапчиња во тавата и истурете од смесата до висина околу 2 цм (ќе нарасти).
Покријте ја тавата со стаклен капак, печете 2-3 минути, отстранете го капакот, извадете ги калапите и превртете ги палачинките да се испечат и од другата страна околу 1 минута.
*Напомена-калапот кој го користев го направив сама од алуминиумска фолија, дијаметар околу 10 цм. Печев една по една палачинка - многу долго. Калапчиња со разни големини имало во Џамбо. Печете на тивка температура, иначе ќе ви загорат на површината, а внатре ќе останат живи.