Испечати

Домашно, природно желе од јаболкови лушпи

Домашно, природно желе од јаболкови лушпи

Состојки

  • Јаболкови лушпи по потреба (од 1,5кг јаболка)
  • Вода по по потреба (1,7л или колку да ги покрие лушпите)
  • 400гр шеќер

Подготовка

Нема ништо поубаво од домашен производ, без конзерванси, адитиви и нездрави додатоци.
Велат дека најмногу пектин има под лушпата на јаболкото, а и желето вака подготвено е бистро, проѕирно.
Најдобро е ако имате домашни, непрскани јаболка. Јас имав среќа да набавам баш такви јаболчиња и откако решив да направам штрудла со нив, лушпите не ги фрлив туку ги искористив за ова желе.
Мерките зависат од тоа од колку јаболка ќе правите. Ќе ви напишам колку јас направив.
Измив и излупив отприлика 1,5 кг јаболчиња. Шишките ги отстранив, а лушпите и семките ги ставив во тенџере. Над нив турив 1,7 л вода, толку требаше, колку да се гледа водата низ лушпите.
Го ставив тенџерето на оган и ги варев околу половина час, да омекнат. Потоа треба да се исцедат, ама низ газа, без притискање, да остане само бистра течност. Врз една цедалка ставив газа, ги истурив лушпите и ги оставив така неколку часа.
Добив околу 800 мл сок. Ставив 400 гр шеќер и ги ставив да зовријат. Вареше триесетина минути и почнав да проверувам дали е веќе згуснато. Земете едно лајче од течноста, ставете го во фрижидер и ако се здрви готово е, ако не продолжете со варење. За 40 минути моето желе беше готово. Налијте го во мали теглички и уживајте во него.