Полнети пиперки (црвени, ајварски)
Состојки
- 500гр Мелено месо (мешано)
- 150гр Ориз
- 1-2 главици Кромид
- 7 Црвени (ајварски) пиперки
- 2 Црвени патлиџани
- зачини По вкус (сол, црн бибер, мешан сув зачин, црвен пипер...)
Подготовка
И ова е едно од омилените јадења кај нас, па затоа влегува во задолжителната зимница. Кога ги приготвувам за во зима, најпрво ги потпекувам во рерна кратко, малку да омекнат (за да не зафаќаат место во замрзнувачот) и ги редам во ќесенца за замрзнување. Па така покрај нивната подготовка, дојде идејата за денешниот ручек.
1. Најпрво ги приготвувам пиперките, ги мијам, им ги вадам рачките и семето.
2. Потоа во тава ставам зејтин и на тивка температура го запржувам кромидот, го додавам меленото месо, зачини по вкус и на крај оризот.
3. Спремните пиперки ги полнам со зајрето и ги затворам со парче црвен патлиџан (можете да ги затворате и со компир)
4. Ги редам во тавчето каде што ќе ги печиме и ги полевам со жешка вода која прво ја ставам во тавата каде го пржев меленото месо, додавам зејтин, рендам патлиџан, зачини и плус во овој случај ми остана дел од зајрето за полнење (колку за една пиперка). Со оваа течност ги полевам пиперките до пола.
5. Ги печам на 250 степени со капак околу пола час, па потоа без капак, па намалувам на 200 степени додека да бидат готови.