Совршени печени плескавици од тиквички (јубилеен 200ти рецепт)
Состојки
- 1 рендано посолено тикве средна големина
- 2 помали јајца (1 ако е поголемо)
- малку црн бибер
- 1 лажица сецкан свеж магдонос
- 100 г рендано сирење
- 3 лажици презла
- 1 лажица брашно
- 1 лажица сусам
- половина лажиче прашок за пециво
- малку маслиново масло за премачкување
Подготовка
Се мислев дали за 200ти рецепт да ја ставам тортата за син ми за неговиот роденден или моите омилени плескавици од тиквиња. Се одлучив за овој бидејки од тортата не направив слика на пресек, а слика од тортата ќе ви ставам во додатни фотки да ја видите. Рецептов самата си го смислив, а и самата си ги изедов сите 9 плескавици хехехехе.
Претходно објавив рецепт за пржена варијанта, но веќе некое време барав начин да ги направам печени, а пак да бидат прекрасни. Морам да кажам дека печената варијанта ми е многу подобра од пржената и ако ги правите според моите инструкции, сигурно и вашите ќе испаднат исто толку добри. Најбитната работа во правењето на плескавици од тиквички е нивното цедење, колку помалку вода содржат, толку побрзо се прават и внатре ќе си се испечат убаво, а брзо. Рецептот е за 1 тикве.
Припрема
Прво, изрендајте го тиквето и посолете го. Ренданото тикве ставете го на поголемо парче газа или кујнска крпа. По 10тина минути, почнете со стегање за да ја истисните водата од тиквето. Оставете го пак уште неколку минути и пак исцедете, ќе се изненадите колку многу вода се ослободува. Исцедете убаво колку што можите и префрлете го тиквето во подлабок сад.
Додадете ги сите состојки, измешајте убаво со лажица и видете ја густината на смесата. Ако има потреба, додадете брашно 1-2 лажици.
На плех ставете хартија за печење и малку намрсете ја со масло. Вадете од смесата со лажица, кај мене точно за 9 плескавици дојде смесата, оформете со лажицата и израмнете. Одозгора ставете по малку масло.
Ставете да се печат 10тина минути на 250 степени, па превртете ги од другата страна да се допечат уште неколку минути. Исцедените тиквиња многу брзо се печат, така што внимавајте да не ви загорат.
Комбинирајте со свеж домат.