Јуфки со пченкарно брашно
Состојки
- 10 Јајца
- 400мл Млеко
- 1м.л. Сол
- 50гр Царевно (пченкарно) брашно
- околу 1,6-1,7 кг Брашно
Подготовка
После тараната, им дојде редот и на јуфките...
Подготовката е на следниот начин
1. Јајцата (на собна температура) ги ставаме во садот каде што ќе месиме и ги матиме со жица за матење.
2. Додаваме сол, млеко (истотака на собна температура) и царевно брашно.
3. Го замесуваме тестото со постепено додавање на брашното.
4. Месиме до добивање на убаво глатко тесто, кое веднаш го делиме на 15 дела.
5. Секој дел го премесуваме на набрашнета работна маса и го формираме како топче.
6. Сите 15 топчиња ги редиме во набрашнет дискус и ги покриваме со крпа за да не се засушат.
7. Веднаш почнуваме со правење на јуфките на машинчето, кај мене е од 1 до 6, минам на најширокото растојание на ваљаците, односно на 6-ка, па на 4-ка, сега добиената лента ја побрашнувам за да не ни лепи и ја минам на 2-ка.
8. Јуфките ги ставаме веднаш на сушарата, под која имаме ставено чаршаф на кој како ќе се сушат јуфките, така ќе паѓаат на него.
9. Добро исушените јуфки ги собираме во платнени вреќички.
Забелешка
Доколку немате или пак не сакате, слободно можете да го изоставите царевното брашно, во тој случај замесуваме тесто само со обично брашно, додаваме уште малку од наведената количина.
Доколку сакате поздрава варијанта, сменете го обичното брашно со интегрално брашно.
За поголема количина зголемете ги сразмерно количините, мене просторот ме ограничува, и затоа правам на неколку пати по зададените мерки.