Испечати

Торта Големата Мајка

Торта Големата Мајка

Состојки

  • За пандишпан
  • 3 јајца
  • 5 лажици шеќер
  • 6 лажици брашно
  • 30 мл масло
  • 1 пециво
  • 2 лажици маџун
  • За фил
  • 2 црни чоколада за готвење
  • 100 гр маргарин
  • 3 полни лажици какао
  • 100 гр шеќер
  • 50 мл вода
  • 100 гр ореви
  • За фондан
  • 2 полни лажици мед
  • 70 гр маргарин
  • 7 гр желатин
  • 30 мл вода
  • 300 гр шеќер во прав
  • околу 50 гр густин

Подготовка

Можеби не е професионална изработка, бидејки ова ми е прво искуство со фондан, но љубовта кон мојата професија (историја, археологија) , ме натера да направам едно вакво дело и да го објавам на оваа прекрасна страна. Со цел, за промоција на македонското културно наследство, од богатиот трезор на македонската ризница, издвоив еден уникатен и специфичен предмет од неолитскиот период.

Пандишпан
Белките изматете ги во цврст снег па додадете го постепено и шеќерот и продолжете со матење додека да се стопи шеќерот. Потоа, додајте ги и жолчите, маслото, маџунот и на крај просеаното брашно со пециво. Изматете уште малку со миксер, да добиете еднолична смеса.
- Смесата ставете ја во правоаголно тавче обложено со хартија за печење и печите на 200 степени околу 15 мин.
- Пандишпанот поделете го на два еднакви дела или на четири (како што направив јас) за две помали тортички.

Фил
Во тенцере на оган ставете ја водата, маргаринот и шеќерот да зовријат. Потоа додадете ги чоколадата и какаото и мешајте со лажица додека да добиете еднолична смеса. Потоа, додадете мелени ореви, промешајте и филот е готов

Врз едниод дел од пандишпанот ставете фил и затворете со другиот дел од пандишпанот.

Фондан
-Ставете го желатинот во вода да набабри.
-Во тенџере на оган ставете го медот и шеќерот и мешајте со лажица да се стопат. Потоа, додадете го желатинот и повторно мешајте со лажица за да добиете еднолична смеса.
Ставајте полека од шеќерот во прав и замесете тесто, постепено додавајки го и густинот. Додадете кафена боја.

Расукајте кора и постелете врз пандишпанот. Од фонданот формирајте ја и главата на Големата мајка, така што тоа ќе го направите само од подебел слој на фондан или со правоаголно делче од пандишпанот ќе го обложите со фондан и ќе го додадете врз тортата. Во долниот дел ќе ставите чепкалка за да може да влезе во пандишпанот и да ја држи главата цврсто.
Рацете направете ги со слободна рака и исто прицврстете ги со чепкалка.

Забелешка
Видов повеќе рецепти за фондан. Овој ми беше лесен за подготовка, само што направив мали измени и многу помалку искористив шеќер во прав отколку што пишуваше по рецептите на интернет и добро испадна.
- Ако го оставите фонданот подолго време, ќе биде потешко за работа.