Сусамки - класични (со шеќер)
Состојки
- 200гр Сусам
- 200гр Шеќер
- 1 пакетче Ванилин шеќер
- 1 г.л. Мед
Подготовка
Покрај сусамките со мед (кои побудија голем интерес кај читателите на Мои Рецепти) ветив дека наскоро ќе ви го објавам и рецептот за класичните сусамки...па да ви ја објаснам подготовката.
1. Најпрво се пропржува сусамот, на тивко, во сува тава со повремено промешување до добивање на златна боја.
2. Посебно ги ставаме шеќерот, ванилата и медот на тивок огин и мешаме се додека се стопи шеќерот.
3. Штом се стопи шеќерот, веднаш го додаваме пропржениот сусам, мешаме убаво да се соединат.
4. Оваа смеса веднаш се префрла врз хартија за печење, преклопуваме со хартијата, рамниме со оклагија и сечеме парчиња со остар нож - тоа е едниот начин на кој ги правам.
5. Другиот начин е формирање на сусамките во силиконски калап. Смесата ја ставаме во силиконските модли, се здрвува скоро веднаш и ги вадиме сусамките.
Совет
- Ако правите на првиот начин на хартија за печење, веднаш работете, хартијата веќе да ви биде спремна, израмнете со оклагијата и веднаш сечете, бидејќи смесата многу брзо се здрвува, ако сепак ви оди тешко сечењето, тогаш едноставно искршете ги сусамките на парчиња.
- Ако ги правите во силиконски калап, тогаш спремната смеса за сусамки оставете ја на ринглата (исклучена, ама сепак сѐ уште топла...за да не се здрви) Земајте со лажичка од неа и полнете во модлите, израмнете и не ги полнете многу, за да не бидат многу дебели, тешко ќе се гризаат.
Како и да е, овие сусамки се поцврсти, ако имате проблем со забите, ви ги препорачувам сусамките со мед, изборот е ваш во секој случај.
За полесна изработка, пробајте со пола доза од состојките.