Леопард леб
Состојки
- Состојки за тесто
- 500 г брашно
- 1 лажиче сол
- 180 мл топло млеко
- 120 мл топла вода
- ½ коцка квасец (= 20 г) или 1 пакет. сув квасец (= 7 г)
- 1 лажиче шеќер
- 1 полна лажица растопен путер
- Состојки за премачкување
- ¼ коцка од квасец (= 10 г) или ½ пак. сув квасец (= приближно 4 г)
- 70 мл топла вода
- 60 гр брашно од ориз
- ½ лажиче сол
- 1/2 лажичка шеќер
- 2 лажици сончогледово масло
Подготовка
Идејата за лепчево ја видов пред неколку месеци, многу ми се допадна шарката од горе и ми беше предизвик дали можам истото и јас да го направам. Искрено, мислам дека мојот испадна уште подобар. Иако рецептот беше запишан под име Тигар леб, јас сметам дека овие шарки се соодветни за леопард или за гепард, па го прекрстив во Леопард леб. Лебот е од надвор крцкав со тенка кора, а внатре воздушест како памук. Превкусен и ароматичен, овој е најдобриот леб кој излегол од мојата кујна. Јас направив половина доза од пишаната, се добива не баш многу мало лепче, доволно за еден ручек.
Подготовка
1) Измешајте го брашното и солта во сад во кој ќе го месите тестото.
2) Во друг сад измешајте го топлото млеко со шеќерот и квасецот. Потоа додадете топла вода.
3) Измешајте ги течните состојки со стопениот путер, па додадете ги кон брашното. Матете со миксер со маталките за тесто, потоа домесете го со рака и обликувајте топка.
4) Покријте го тестото со стреч фолија и оставете го 1 саат да го дуплира волуменот на топло место.
5) Додека тестото нарастува, веднаш подгответе ја пастата за обложување, која исто така ќе потрае некое време да се крене. Измешајте ја топлата вода, шеќерот и квасецот. Потоа додадете сол, масло и постепено оризовото брашно додека не добиете кремаста паста која ќе ја покриете со стреч фолија и оставете ја до тестото за леб.
6) Извадете го тестото од садот откако ќе нарасне, пренесете го на набрашнета површина и преклопете го неколку пати и оформете топка, не треба да го месите.
7) Пренесете го во огноотпорно тенџере (или во пекач) обложено со хартија за печење и одозгора премачкајте го внимателно со пастата во неколку слоја. Не мора да ја трошите целата паста.
8) Ставете го капакот на садот и ставете го садот на средната решетка во ладна рерна. Вклучете ја рерната на горните / долните грејачи на 240 степени и печете го лебот околу 40 минути.
* Можете да направите оризово брашно сами ако немате каде да го купите. Потребна ви е мелница за жито или кафе. Користете бел ориз и сомелете го колку што е можно поситно, па потоа просеете го преку цедалка. За овој рецепт користев ориз кој го мелев во мелница за кафе.
** Користев Делимано коперлукс тенџере со капак