Испечати

Лешник-чоколадо џелато сладолед

Лешник-чоколадо џелато сладолед

Состојки

  • 2 чаши млеко со висока масленост
  • 1 чаша слатка павлака (200 мл)
  • 4 жолчки
  • 1/2 чаша шеќер
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 200 г потпечени лешници (150 г мелени, 50 г кршени)
  • 1/2 чаша слатка павлака
  • 200 г чоколадо (или темно или млечно)

Подготовка

Никогаш не мислев дека домашниот сладолед може да го достигне вкусот на купечкиот, дури мислев дека не може ни да биде приближен. Но, многу сум грешела. После успешниот сладолед од јагоди, го испробав овој, мој омилен вкус на лешник и чоколадо, и морам да кажам дека е совршен. Ова лето, не верувам дека ќе купам сладолед искрено, домашниов ми е преубав.

ПОДГОТОВКА
Ставете ги жолчките во тенџере заедно со шеќерот и изматете ги убаво и пенесто со миксер. Додадете го млекото и слатката павлака и ставете ги на рингла на средна температура да се загреат скоро до точка на вриење, не да варат. За цело време матете со миксерот. Ќе ви требаат 15тина минути. Кога смесата ќе почне благо да се згуснува и да останува на задната страна на дрвена лажица, значи е спремна. Целото тенџере ставете го во лавабо полно со ладна вода и нека се излади.
150 г од потпечените лешниците ставете ги во блендер да се измиксираат убаво и оваа смеса додадете ја кон млечната мешавина. Кога убаво ќе се олади, префрлете ја во соодветен сад за замрзнување и ставете ја во замрзнувач околу 30 минути.
Потоа загрејте половина чаша слатка павлака и растопете го чоколадото.
Оваа смеса додадете ја без мешање низ млечната мешавина од замрзнувачот, и одозгора додадете ги преостанатите кршени лешници.
Оставете неколку часа да се замрзни убаво. Ви гарантирам дека поубав лешник-чоколаден сладолед не сте јаделе. Ќе добиете количина на голема кутија сладолед.