Пита со спанаќ, сирење и јајца
Состојки
- За тесто
- 400 Грама сенаменско брашно
- 200 Милилитри млака вода
- 3-4 Лажици маслиново масло
- За фил
- 400 Грама спанаќ
- 150 Грама овчо сирење
- 1 Лажичка сол
- Малку Свежо мелен бибер
- 2 јајца
Подготовка
Кога приготвувате јадења со спанаќ секогаш прво подготответе го него. Значи исчистете го, убаво измијте го, исечкајте го и ставете го во тавче без масло на тивок оган прво малку да испари водата.
Кога ќе испари водата додадете малку маслиново масло и пропржете го спанаќот околу 5 минути. Тргнете го тавчето од оган и додадете го претходно изгмеченото сирење. Убаво промешајте и оставете да се излади. Не посолувајте доколку употребувате солено сирење.
Во длабок сад ставете го брашното, а потоа додадете полна кафена лажичка сол, водата и 3 – 4 лажици маслиново масло. Замесете тесто, по потреба додавајќи брашно доколку е лепливо или млака вода доколку е суво. Прво убаво замесете го во садот, па потоа на набрашнета површина. Формирајте од него топка, вратете го во садот и прекријте го со најлонска фолија или крпа да одстои 30тина минути.
Во тавчето со спанаќ и сирење додадете ги двете матени јајца. Бидете сигурни дека смесата од спанаќ и сирење е изладена за да не ви се запечат во неа јајцата кога ќе ги ставите. Додадете малку бибер и убаво промешајте.
Премачкајте го убаво садот за печење.
Тестото поделете го на 3 дела од кои еден малку поголем од другите два. Од најголемиот дел развлечете или исукајте тенка кора и ставете ја во садот. Ставете врз неа половина од филот со спанаќ, сирење и јајца. Развлечете уште две кори. Со првата прекријте во филот кој сте го нанеле врз првата кора, па врз неа нанесете го остатокот од филот убаво распоредувајќи го преку целата кора. Со последната кора прекријте го и тој фил. Со вишокот од најдолната кора убаво преклопете ја и затворете ја цела пита.
Да бидам искрен јас се' уште не сум доволно вичен за потполно кружни кори и речиси секогаш кога правам јадење со замесено тесто финалната форма е правоаголна или квадратна.
Засечете ја питата за да може при печењето да испари вишокот течност од филот и убаво да се запече и внатре. Премачкајте ја со маслиново масло и ставете ја да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени.
Печете 40тина минути или додека питата не биде убаво заруменета од горе.
Извадете ја од рерна и веднаш повторно премачкајте ја со маслиново масло за малку да омекне горната потпечена кора.
Извадете ја од садот за печење и ставете ја на даска за сечење да се излади.
Исечета ја на парчиња следејќи ги засечените правци кои сте ги направиле пред печењето и сервирајте ја со јогурт, кисело млеко, кајмак...
На здравје.