Мафини со компири, пармезан, нане и семки од тиква и сончоглед
Состојки
- 3 Јајца
- 3 Мали компири
- 200 мл јогурт
- 100мл маслиново масло
- 6 Лажици сенаменско брашно
- 1 Прашок за пециво
- 50 Грама рендан пармезан
- 3 Лажици семки од тиква и сончоглед
- 2 Млади лукчиња
- 2 лажици Ситно сецкано нане
Подготовка
Морам да кажам дека ова ми еден од омилените рецепти кои сум ги смислил во последно време.
Според коментарите на оние на кои веќе сум им го кажал и кои ги направиле овие мафини можам да речам и еден од моите најуспешни лесни рецепти.
На почеток излупете ги компирите, исечете ги на коцки и сварете ги. Кога ќе бидат сварени ставете ги во цедалка убаво да се исцедат и изладат.
Во поголем сад за матење изматете ги јајцата со половина лажичка сол.
Додадете ги ситно сецканите нане и младо лукче и повторно промешајте.
Додадете ги изладените и исцедени коцки компир. Матете со миксер додека не добиете еднолична смеса. Слободно може да оставите помали грутчиња од компирот.
Додадете ги јогуртот и маслиновото масло и со миксер матете до убава глатка смеса.
Просејте го брашното низ сито и во него измешајте го прашокот за пециво.
Со постојано матење со миксер во смесата додавајте по малку од мешавината од брашно и прашок за пециво. Треба да добиете густа, но течна смеса.
Изрендајте малку пармезан, а семките од тиква и сончоглед малку потпечете ги во Делимано тавче без никакви додатоци.
Во калапи за мафини, претходно премачкани со маслиново масло и набрашнети ставате од смесата, но не до горе. Оставете приближно половина сантиметар.
Во секое калапче наросете малку рендан пармезан и од потпечените семки.
Ставете ги мафините да се печат 50-тина минути, во претходно загреана рерна на 150 степени. На почетокот на печењето мафините ќе нараснат, но потоа полека ќе ја добијат финалната форма и текстура која е крцкава од надвор, а мека внатре.
Кога мафините ќе бидат печени извадете го садот од рерна и оставете го 15-тина минути за да се стегнат мафините пред да ги вадите од калапот.
Извадете ги на решетка или платнена крпа за да не кондензираат и да не биде долната страна мокра од самата кондензација.
Послужете ги со шолја јогурт за појадок или чаша бело вино за вистинско уживање.
На здравје.