Гужвана баклава со ореви
Состојки
- За баклава
- 300 г кори за пита (7 кори)
- 300 г крупно мелени ореви
- 1 лажичка цимет
- половина лажичка зачин за медењаци
- 100 г растопен путер или маргарин
- 100 мл масло
- тенко сукало или тенок стап
- Шербет
- 2 и пол шоли шеќер
- 1,5 шоли вода
- 1 пакетче ванилин шеќер
- 2-3 кришки лимон
Подготовка
Баклавата првпат ја правев, ми беше предизвик да ја направам баш вака, набрана. Не го искористив цело пакетче од корите, туку само 7 кори од вкупно 11, значи околу 300 г. Со останатите 4 кори направив ролнички со мелено месо. Иако ми беше препорачано да користам кори за баклава кои се потенки и повеќе на број, јас сепак од практични причини користев кори за пита. За овој тип на баклава кога би користеле тенки кори, дефинитивно би се кинеле, освен да се ставаат по 2 или 3 кори одеднаш. Тоа е нешто кое допрва треба да го испробам.
Постапката е едноставна.
Прво подгответе го шербетот, нека повари 15тина минути и тргнете го на страна да се лади.
Маргаринот растопете го во ѓезве и додадете го маслото. Измешајте. Со оваа мешавина ќе ја премачкувате секоја кора и гледајте да ви остане малку за на крајот за одозгора за да ја премачкате целата баклава.
Земете една кора, премачкајте ја со четкичка со маслената мешавина, попрскајте 3 лажици ореви (претходно измешани со циметот и зачинот). Потоа ставете го сукалото на самиот почеток и заедно со кората завиткајте ролат. Потоа од двете страни со туркање на кората изгужвајте ја па извадете ја од сукалото и ставете ја во садот во кој ќе се пече. Нема да ви треба голем сад за печење. Истото повторете го со сите кори. На крај премачкајте ја целата баклава со останатиот маслен раствор и ставете ја да се пече во загреана рерна на 200 степени 15тина минути, па намалете ја температурата на 150. Кога убаво ќе се вцрви, тогаш е печена.
Веднаш прелејте ја со ладниот шербет и оставете ја убаво да впие и да се олади.
На здравје