Крем пита со вкус на ванила и карамел
Состојки
- За подлога
- 3 жолчки
- 1 јајце
- 3 лажици шеќер
- 2 лажички брашно
- 1 лажичка пециво
- 3 лажици топла вода
- За ванила крем
- 3 пудинга со вкус на ванила
- 10 лажици шеќер
- 800 мл вода
- 5 лажици шеќер
- 5 белки
- За карамел фил
- 1 карамел пудинг
- 350 мл млеко
- 3-4 лажици шеќер
- 300 мл слатка павлака
Подготовка
Имам повеќе рецепти сретнато и направено за крем пита. Сега ќе ви претставам една лесна пудинг варијанта што ја подготвив пред некој ден. Се надевам ќе ви се допадне.
Подготовка
1. Најпрво го обложуваме калапот со обрач, кој е со димензии 25х25, со хартија за печење, а страниците ги премачкуваме со путер. Рерната ја вклучуваме на 200 степени да ни се загрее.
2. Ги матиме јајцата со шеќерот да побелат, па ги додаваме останатите состојки. Соединуваме со матење и смесата ја распоредуваме во калапот. Печеме околу 10 минути.
3. Оставаме да се излади, ја превртуваме, ја отстрануваме хартијата и повторно ја враќаме во калап.
4. Го вариме пудингот од ванила на стандарден начин. Откако ќе го свариме додека е жежок лажица по лажица го додаваме во белките, кои цврсто сме ги изматиле заедно со шеќерот. Додека им додаваме лажица по лажица пудинг постојано матиме.
5. Ванила кремот го распоредуваме врз пандишпанот-подлога и го оставаме да се стегне и излади.
6. За подготовка на карамел филот подготвуваме пудинг од млеко, шеќер и пудинг во прав, потоа го ладиме. Откако ќе се излади повторно го матиме со миксер.
7. Ја матиме слатката павлака(не сосема) и карамелот пудингот го додаваме во неа. Соединуваме со матење па ја распоредуваме врз ванила кремот.
8. Го отстрануваме обрачот на калапот и сервираме.