Чизкејк со афион и јаготки (без печење)
Состојки
- Дел со афион
- 250 мл млеко
- 100-120 гр шеќер
- 100 гр мелен афион
- 1 полна лажица гриз
- 1 пакетче ванилин шеќер
- 100 гр маргарин
- 150 гр мелени бисквити петит Винчини
- Бел дел
- 200 гр маскарпоне
- 200 гр кисела павлака
- 200 гр слатка павлака
- 1 пакетче желатин
- 4-5 лажици вода
- 100 гр шеќер во прав
- За овошно желе
- 300 гр јаготки
- 200 мл вода
- 100 гр шеќер
- 2 пакетчиња желатин
- 5-6 лажици вода
- додаток 100 гр наполитанки млеко и какао Винчини
Подготовка
Една лесна и брза вкусна торта без печење, која има еден добар шмек со миксот на состојките, како спој од две во едно. Нека не ве плаши текстот надолу, повеќе е објаснување отколку работа за истата.
Во тенџере се ставаат сите состојки за подлогата и се варат на не најјак оган додека згусти. Откако ќе почни да врие се меша уште 3-4 минути, па се тргна од рингла.
Му се додава маргаринот на парчиња и се меша додека се стопи целосно.
На крај се додаваат мелените бисквити и се убаво се меша.
Содржината се става во кружен калап на отворање 26 (секако за варијации повисока-пониска можи да употребите +/- број) и убаво се рамни.
Овде распоредив 100 гр наполитанки Винчини во 2 круга намакани во млеко, како додаток на темата. Не беше по рецептот, но и така рецептот со мерките јас го прилагодив според моите желби. Вие можите, но и не морате да ги ставате.
Се става во фрижидер додека се спрема чиз кремот.
За него, потребно е прво желатинот да го растворите во водата и да го оставите да се здрви.
Маскарпонето изматете со го киселата павлака и шеќерот.
Додадете го желатинот претходно стопен и подоладен и измиксирајте.
Во сад на страна изматете ја слатката павлака и додадете ја во смесата.
Се убаво измешајте или измиксирајте, па распоредете врз слојот од афион во калапот.
За овошниот слој исто така прво растворете го желатинот во водата.
Во тенџере на оган ставете го овошјето кое можи прво да го изблендирате или потоа со пасерка да го испасирате, водата и шеќерот да се сварат, т.е зовријат една минута, па тргнете од рингла и додадете го желатинот. Мешајте да се стопи и оставете го да подизлади со повремено мешање до млакост за да нема топење кога ќе се нанеси врз сирестиот фил.
Секако, наместо јаготки, можи да употребите и друго слично овошје, како малини, капини, па киви и сл.
Оставете ја тортата преку ноќ, потоа извадете ја внимателно од обрачот и украсете ја одозгора по желба.
Забелешка- делот со афион во зависност од тоа како и колку е мелен афионот (јас го мелев дома на машинче) и времето колку го варите можи да испадни помек за лесно вадење парчиња од калапот. Иако првичмо не е многу цврст, секако се стега со ладењето на маргаринот, но доколку сакате, мој предлог би било да наредите како подлога слој Винчини бисквити за полесно вадење на парчињата и подобар пресек. Секако, доколку издржите тортата да ви остани 2 дена во фрижидер парчињата полесно излегуваат и без предлогот.
Доколку сакате, смесата со афион можи да ја направите за пола или дупло поголема и од еден дел да извадите бомбици за украсување на тортата одозгора. Така беше во изворниот рецепт, па ете да го напишам како предлог.