Колачи со пиво
Состојки
- 2 чаши масло
- 1 чаша пиво
- 2 кесички ванилин шеќер
- 2 кесички прашок за печиво
- 800гр. или според потребата брашно
- околу 500 гр ореви
- шербет
- 4 чаши шеќер
- 3 чаши вода
Подготовка
Колачи со пиво или пиварки се можеби најпопуларните посни колачи кај нас. Има многу рецепти, но јас ќе ви го препорачам мојов затоа што вака направени пиварките едноставно се фантастични.
*точни мерки не наведов затоа што се правени баш вака без конкретни мерки. Чашата е обична чаша за вода од околу 200 мл. Со истата чаша се мери се`.
Прво во длабок сад се мешаат маслото со пивото. Се додаваат печивото и ванилите и убаво се меша. Постепено се додава брашното и прво се меша со лажица, а кога ќе стане доволно густо тестото се меси. Тестото треба да е мазно и не многу меко (за да можете да вадите форми).
Готовото тесто се сучи во кора дебела околу 7-8мм и со модла се вадат форми. На секоја втора форма се става по јатка орев и се преклопува со друга форма. Вака формирани колачите се печат во загреана рерна на 200 степени околу 12 минути, ама најдобро да проверите (кога ќе почнат да добиваат боја, тогаш се готови).
Печените колачи се оставаат да се оладат, а во меѓувреме се подготвува шербетот.
Шеќерот и водата се варат на тивок оган неколку минути.
Ладните колачи се попаруваат со топлиот шербет најдобро во плехот во кој се печеле. Се оставаат неколку минути да го впијат шербетот и се превртуваат од другата страна.
Кога колачите го впиле шербетот обилно ги валкаме во мелени ореви.
На здравје!