Кралска посна торта Калимеро
Состојки
- За бисквитно тесто
- 300 гр брашно
- 200 гр шеќер
- 100 гр мелени бадеми
- 1 пециво
- 1 ванилин шеќер
- 2 лажици какао
- 1 лажичка цимет
- прстофат мускатно оревче
- 6 лажици мармалад од кајсии
- 300 мл вода
- 50 мл масло
- 100 гр посно чоколадо
- За фил
- 400 гр мелени ореви
- 200 гр шеќер
- 75 мл вода
- 1 лажица сок од лимон
- 40 гр посно чоколадо
- 150 гр џем од јагоди
- 100 гр џем од јагоди за премачкување како втор фил
Подготовка
Го прославивме и седмиот роденден на близнаците. По желба на Теодор тортата ја украсив со јунакот од неговиот омилен цртан, Калимеро. Тортата беше сочна и мирисна и ви ја препорачувам за претстојните големи посни празници Цветници и Благовец.
Подготовка
1. Ја вклучуваме рерната на 180 степени. Сите суви состојки за бисквитот се мешаат.
2. Водата и мармаладот се соединуваат и се додаваат кон сувите состојки. Се мати смесата со миксер да се соедини.
3. Го додаваме чоколадото кое ситно сме го насечкале. Промешуваме и смесата ја истураме во калап за торта бр. 24 кој на дното сме го обложиле со хартија за печење, а од страните сме го намрсиле со масло. Печеме околу 45-50 минути. Ја оставаме малку да излади и ја вадиме од калапот.Ја сечеме на три дела откако ќе излади.
За филот
1. Ги ставаме шеќерот и водата во тенџере да зовријат неколку минути.
2. Кон крајот ставаме една лажица лимонов сок и го тргаме шербетот од рингла.
3. Мелените ореви ги ставаме во шербетот заедно со чоколадото. Мешаме додека да се стопи чоколадото и да се соедини целата смеса.
4. Ја ладиме смесата па го додаваме џемот од јагоди. Филот ни е подготвен. Ставаме од него на првата кора, па ставаме џем од јагоди, кора, па фил, па џем и на крај само кора. Оставаме од филот 2 лажици да ја премачкаме тортата за да може да ни се залепи фонданот.
Забелешка
Видете дали е печен бисквитот со помош на чепкалка или стапче за ражничи бидејќи е повисока. Стапчето треба да е суво ако е печена, со тоа што во неа има и парчиња чоколадо, па може да ви остане од чепкалката и да мислите дека се уште не е допечена. Внимавајте на таа забелешка, за да не се препече пак тестото. Користев термостабилен џем од јагоди, така да во зависнот од како ви е подготвен ќе зависи и колкаво количество ќе ставите од него. Филот не треба да ви биде многу густ, ама и не премногу редок. Тортата ја подготвував навечер, а ја обложував со фондан утредента.