Гурманска тава со месо од дива свиња
Состојки
- 1 кг месо од дива свиња
- 500 гр пилешки гради
- 500 гр свежи шампињони
- 7-8 суви пиперки
- За сос
- 2-3 лажици сув кромид
- 1 лажица буковец
- 1 лажица мешан сув зачин
- 1/2 лажичка бибер
- Сол оригано по вкус
- Вода од варењето на месото
- За маринада
- 1 кромид
- 100 мл оцет
- 100 мл црвено вино
- 200 мл вода
- Бибер во зрно ловоров лист, мешан сув зачин, сол
Подготовка
Дивите меса се многу вкусни, особено ако се подготват на вистински гурмански начин. Еве во прилог еден македонски рецепт за гурманска тава со месо од дива свиња.
Подготовка
Месото од дивата свиња го ставаме во вода, оцет, бибер и исечкан кромид да отстои најмалку 5 часа, а најдобро е преку ноќ. Измаринираното месо го сечеме на мали парчиња и заедно со сувите пиперки го ставаме во експрес лонец да се свари. Откако се сварило месото пиперките ги вадиме и ги ставаме во тавата за печење. Вареното месо исечкано на помали парчиња го упржуваме на масло. Го ставаме во тавата за печење. Пилешките гради и шампињоните ги сечкаме на мали парчиња, прво го упржуваме пилешкото, па ги додаваме печурките, се заедно упржуваме и ги ставаме во тавата. Ги промешуваме состојките во тавата да се фино распоредат. 3 лажици брашно ги упржуваме во маслото или свинската маст во која сме ги пржеле месата, додаваме црвен пипер, кратко упржуваме, ставаме од водата во која се вареше месото и сето тоа го истураме во тавата. Ставаме сушен кромид, бибер, буковец, оригано, сол и мешан сув зачин по вкус. Печеме на 200 степени околу 45 минути или додека да изврие водата и се згусне сосот.
Забелешка
Јадењето е повкусно ако месото е пржено на свинска маст. Може да ставите и капак на тавата додека се пече месото во рерна, па некои 15 минути пред да биде готово да го извадите за да се запече малку месото одозгора.