Кроасаните на госпоѓа Мили
Состојки
- 700гр брашно
- 30гр свеж квасец
- 2 лажички шеќер
- 1 лажиче сол
- 4 јајца
- 175 мл јогурт
- 200мл млака вода
- 250гр замрзнат путер
- 1 јајце, сусам за премачкување
Подготовка
Во мојата кујна подготвени се безброј, различни видови на кифли, кроасани...секој рецепт убав за себе.
Но овие кроасани се врв.
По препорака на Зорица еве ја изведбата во мојата кујна.
Одозгора се крцкави, а внатре меки.
Дури и замрзнати се крцкави од надвор.
Во млаката вода ги ставаме шеќерот, квасеот и лажиче брашно.
Промешуваме и оставаме да се активира.
Потоа во вангличка ги соединуваме солтта, втасаниот квасец, малку со вилушка изматените јајца и јогуртот.
Промешуваме и постепено додаваме од брашното.
Замесуваме мазно тесто.
Го покриваме и оставаме да се дуплира.
Го делиме на 4 топки тестото.
Секое топче го делиме на 5 мали топчиња.
Треба да добиеме 4 купчиња со по 5 корички.
Значи, ги земаме првите 5 топчиња, ги расукуваме во мали корички.
Замрзнатиот путер го делиме на 4 дела, за да одприлика исто ставиме на сите топки.
На првата коричка ставаме рендан путер, па втора коричка, па рендан путер, па трета коричка, па рендан путер, четврта коричка, рендан путер, петта коричка.
Вака подготвено првото купче го покриваме со прозирна фолија и го ставаме во фрижидер.
Постапката е иста со остатокот на материјал.
Сега го земаме првото купче кое го сработивме.
Расукуваме кора, која ја делиме на 12 или 16 триаголници.
По желба може да се стави и фил.
Виткаме кроасани. Постапката е иста со целиот материјал.
Ги редиме во 2 плеха.
Ги премачкуваме со изматено јајце и наросуваме сусам.
Веќе кроасаните во првиот плех се скиснати и ги ставаме да се печат околу 20 минути во загреана релна.
Постапката е иста и со вториот плех.
Наздравје оваа убавина.
Пробајте ги, се надевам ќе бидете презадоволни, како и јас.