Frozen роденденска торта (посно)
Состојки
- Чоколаден крем
- 100 мл вода
- 100 гр шеќер
- 50 гр какао
- 100 гр посно чоколадо
- 1 лажичка рум екстракт
- Останати состојки
- 500 гр посни бисквити
- 200 гр желе бонбони
- 100 гр суво грозје
- 100 гр индиски ореви
- 100 гр лешници
- Сок од 2 портокали
- 1 чашка рум
Подготовка
Овој пат за тортата наТеофанија за нејзиниот 6-ти роденден баш и не вложив многу труд ама детската радост сепак беше голема. Ова е една врста на касато торта само што е посна, а украсена со кукла и фондан.
Подготовка
1. За кремот на оган во тенџере ги ставаме водата и шеќерот да зовријат и да се растопи шеќерот.
2. Го додаваме какаото со интензивно мешање со рачна маталка за да не ни се направат грутчиња од какаото. На крајот го тргаме од оган и го додаваме чоколадото да се растопи, промешуваме па го додаваме румот и смесата ја оставаме да излади.
3. Сувото грозје го ставаме во рум да набабри и да го прими вкусот на румот.
4. Бисквитите ги мелеме, желе бонбоните ги сечкаме на мали коцкички, индиските ореви и лешници ги дробиме или сечкаме. Сите состојки ги ставаме во чоколадниот крем и мешаме со лажица.
5. На крајот постепено го додаваме сокот од портокали да ни се соедини смесата. Формираме торта со форма по желба.
Забелешка
Ако смесата ви е ретка и не се врзува убаво, додадете сок. Морам да напоменам дека бисквитите ги мелев во Нутрибулет што значи дека беа многу ситно сомелени скоро како прашина. Затоа зависи како ќе ги сомелете така ќе ви се врзат потоа со целокупната смеса, а и зависи како ќе примат течност. За изработка на украсниот дел: Куклата ја мотаме со најлонска фолија. Ја ставаме на предна страна од топката од торта. Фонданот кој сме го обоиле во сина боја го расукуваме во форма на овал. Во средината му правиме дупка и ја облекуваме куклата и тортата со него. Го прицврстуваме „фустанот“ околу половината и потоа ја украсуваме. Во горниот дел ја облекуваме со бел и син фондан.