Мусака со компир и модар патлиџан
Состојки
- 1,5кг компири
- 1 модар патлиџан со средна големина
- 600гр мешано мелено месо
- 1 мала главица кромид
- по потреба сол, бибер
- Прелив
- 50мл зејтин
- 4 јајца
- 150мл јогурт
- 300мл млеко
Компирите излупете ги и исечкајте ги на кругови со дебелина од 2-3мм. Модриот патлиџан исто излупете го и него исечете го на кругови и испржете го на малку врело масло колку да омекне.
Кромидот исечкајте го ситно и додадете во тавата каде се пржеше патлиџанот. По потреба додадете уште малку зејтин и пржете додека омекне па ставете го меленото месо да се пржи. На крај посолете и набиберете на вкус.
Рерната вклучете ја да се загрева на 180 степени.
Во тава со пречник од 26цм. наредете еден ред со половина од компирите и посолете. Следува ред модар патлиџан, исто посолете. Врз нив ставете го целото мелено месо, па наредете уште еден ред модри патлиџани кои ќе ги насолите. На крај завршувате со ред компири. Налејте со зејтинот и ставете да се пече околу 1 час или додека горните кругови започнат на страните благо да зацрвенуваат.
Прелив
Јајцата изматете ги со жица за матење, додадете јогуртот и млекото и убаво измешајте. Пробајте за сол, и доколку мислите дека има потреба, насолете. Со ова налијте ја мусаката, зголемете ја температурата на 200 степени и оставете ја да се допече уште околу 20 минути.
Послужете со кисело млеко или Ѕатѕики.
Вода, или дополнителна течност не ставам во мусаката. Компирите и без тоа се одлично испечени и се топат во уста.