Англиски пудинг со тост леб
Состојки
- 12 парчиња тост леб
- 50гр. путер + за премачкување на тавата
- 70 гр суво грозје
- 2 лажици рум
- 1 јаболко
- 250мл млеко
- 250 мл. слатка павлака
- 1 мешунка ванила
- 4 јајца
- 2 жолчки
- 150 гр. шеќер
- 2 лажици кафен шеќер
Сувото грозје натопете го со рум и оставете го најмалку 1 час да се натопи и омекне. Длабока тава со зафатнина од 1,5 - 2л. премачкајте ја со путер. Кришките тост премачкајте ги со путер па исечете им ги корките. Исечете ги дијагонално. Редете ги на дното од тавата, притоа внимавајќи да не оставате празнини меѓу нив. Распоредете го сувото грозје одозгора. Јаболкото излупете го и извадете му ја срцевината, па исечете го на тенки кришки. Распоредете ги во тавата врз сувото грозје.
Млекото и слатката павлака ставете ги во едно тенџере заедно со средишниот дел од ванилата и затоплете на рингла. Течноста треба да биде топла, но не врела. Во длабок сад изматете ги јајцата и жолчките со шеќерот и полека додавајте го млекото притоа матејќи непрестано. Половина од оваа смеса налејте ја во тавата и одозгора наредете ги останатите кришки леб. Налејте повторно со смесата од јајца и оставете да отстои 30 минути.
За тоа време вклучете ја рерната на 180 степени да се загрева. Во огноотпорен сад ставете вода (околу 2 чаши) и садот ставете го на дното во рерната. Пудингот покријте го со фолија и ставете го да се пече 25 минути. После тоа отстранете ја фолијата, зголемете ја температурата на рерната на 200 степени и продолжете со печење уште 15 минути. Извадете го пудингот, наросете со кафен шеќер и вратете назад во рерната да се допече наредни 3-5 минути.
Оставете малку да се излади, наросете со шеќер во прав и послужете во комбинација со било каков сладок сос. Кај нас беше во комбинација со нугат сос.
На здравје!