Петолебие
Состојки
- 750гр брашно
- 1 лажичка сол
- 1 лажица шеќер
- 1,5 пакетче сув квасец
- 400-450мл млака вода
Сите суви состојки се ставаат во длабок сад и со постепено додавање на водата се замесува средно и нелепливо тесто. Во зависност од брашното кое го користите, можеби ќе треба количината на водата да ја зголемите или намалите. Тестото ставете го во набрашнет длабок сад, покријте со крпа или фолија и ставете го садот во топла вода (бања) да стои 30тина минути или додека тестото да го дуплира волуменот. Премесете го тестото и повторно вратете го во набрашнетиот сад, покријте со фолија или крпа и ставете го во топла вода наредни 30 минути да стасува. Откако стасало, поделете го тестото на 10 еднакви дела.
Јас ги мерев на вага (по 120гр. тежеа), со цел лепчињата да ми бидат сите исти. Секој дел се расукува во округла форма.
По две се лепат едно на друго, при тоа едниот дел премачкајте го со млака вода и одозгора ставете го другиот дел.
Поскурникот (дрвен печат) набрашнете го и притиснете го тестото одозгора.
Вака подгответе вкупно пет лепчиња. Ставете ги во убаво набрашнет плех, покријте со крпа и оставете да стасува 30 минути. Се пече 20тина минути на 180 степени во претходно загреана рерна.