Балзам против настинки (од домашната работилница)
Состојки
- 50мл. масло по избор (маслиново, сончогледово...)
- 5гр. пчелин восок (или 4гр. восок и 1гр. ланолин)
- 6-8 кaпки етерично масло
- и уште ќе ви треба: 1 мало тенџере, 1 огноотпорен стаклен сад - на пр. мала тегла од мармалад, 1 дрвено или керамичко лажиче, мала тегличка за складирање на балзамот.
Подготовка
Кашлање, болки во грлото и затнат нос? Балзамов можеби не може да ја излечи настинката, но може да помогне значително да ви ги олесни симптомите. Содржаните етерични масла испаруваат на кожата и го стимулираат движењето на цилиите во носната и бронхијалната слузница. Како резултат, слузот се транспортира полесно и повторно можете слободно да дишете. Скоро сите масти т.е. блазами за настинки достапни во малопродажба се базираат на минерални масла. Сè уште не е научно докажано, но веќе подолго време се сомнева дека овие отпадни производи од нафтена продукција навлегуваат во телото преку кожната бариера. Дефинитивно е докажано дека парафините и другите супстанции кои влегуваат во телото преку ингестија или отворени рани може да се акумулираат таму, да го оштетат генетскиот материјал и да предизвикаат карцином.
Наместо да купувате скапи балзами против настинки, еве рецепт како истиот да го подготвите дома од само неколку состојки.
Во рецептов користев ладно цедено маслиново масло. Вие можете по желба и можности да користите било какво, но мој предлог е маслото да биде ладно цедено. Во зависност од кое масло го користите, можеби ќе треба дополнително да додадете пчелин восок или масло.
Во тенџере ставете вода, околу 2-3см да го покрива дното. Ставете водата да се загрева на средна температура. Во стаклената тегла ставете го маслото и пчелиниот восок и ставете го во загреаната вода. За цело време мешајте додека восокот да се стопи. Јас 1гр од восокот го заменив со ланолин, тој му дава по кремаста структура на балзамот.
Откако се стопил восокот, извадете ја теглата од водата и направете проба за конзистенција на балзамот. Извадете малку во една тацна, оставете да се излади. Заради малата количина, смесата ќе е малку поцврста отколку во финалниот производ. По потреба додадете восок или масло за да ја добиете посакуваната конзистенција.
Откако малку ќе се излади (направете проба на рака, смесата не треба да е жешка) ставете го етеричното масло (јас користев масло од манука и кајапут), измешајте и ставете ја смесата во тегличка. Оставете да се излади па затворете со капаче.
Листа на корисни етерични масла кои можат да помогнат при кашлица, течење на носот и болки во грлото:
Кајепут - аналгетик, антимикробен, антисептик, експекторанс
Еукалиптус - дезинфекција, антисептик, експекторанс на пр. за бронхитис
Кантарион - смирувачки, деконгестивен, антиифламаторен
Камилица - антиинфламаторно, поттикнува потење, антипиретично
Лаванда - антимикробен - подобна за деца
Манука - антибиотик, антивирусно, антиинфламаторно, антиалергично, при симптоми на настинка, болки во грлото, кашлица, синуситис. Може да се комбинира со лаванда и чајно дрво
Пеперминт (ментол) - антимикробно и антивирусно, аналгетик - Не користете при камења во жолчка!
Чајно дрво - антибактериски, антифунгални и антивирусно
Напомена: Можете да комбинирате најмногу до три етерични масла
Етерични масла не смеат да се користат кај доенчиња, мали деца, трудници и оние кои имаат проблеми со дишните патишта! Апсолутен табу кај доенчиња се етеричните масла од пеперминт и еукалиптус како и камфор и мајчина душица.
За да се спречат несакани дејства, пред употреба, ви препорачувам советување со доктор.