Розен пита со афион
Состојки
- 1 пакување розен кори (8 кори)
- Ванила крем
- 20гр пудинг со ванила-бурбон арома
- 200мл млеко
- 3 лажици шеќер
- 2 жолчки
- 100мл слатка павлака
- Фил од афион
- 450мл млеко
- 150гр шеќер
- 120гр путер
- 200гр мелен афион
- 90гр мелени бисквити
- Чоколадна глазура
- 100гр чоколадо за готвење
- 30гр свинска маст (или путер)
Подготовка
На радоста и немаше крај кога конечно и јас си набавив розен кори :))). Едните веќе ги „смачкавме“ ...
Најпрво да нагласам дека питава не е многу блага, кој си е љубител на послатки десерти, ќе треба да достави шеќер барем во филот од афион. Нам блажината ни беше таман.
Најпрво подгответе го ванила кремот. Во дел од млекото растворете го пудингот, додадете го шеќерот и жолчките и убаво изматете со жица за матење. Остатокот од млекото ставете да зоврие, додадете растворениот пудинг и сварете го кремот. На површината од кремот ставете стреч фолија и оставете потполно да излади. Слатката павлака изматете ја убаво и додадете ја во изладениот ванила крем. Изматете со миксерот. За да не ви се направат грутчиња, најдобро прво со миксер изматете го пудингот, па потоа додадете ја изматената слатка павлака.
Фил од афион
Ставете го млекото заедно со шеќерот и путерот да се свари. Откако ќе зоврие додадете го афионот и мелените бисквити и продолжете со варење уште 2-3 минути. При тоа мешајте цело време со жица за матење.
Чоколадна глазура
Чоколадото и маста ставете да се стопат на пареа.
Филување
Корите се филоваат со врел фил од афион, а ванила кремот е ладен.
Кора 1-3 се филува со врел фил од афион
Кора 4 се филува со ванила крем
Кора 5-7 се филува со врел фил од афион
Кора 8 се филува со чоколадна глазура (нареден ден)
Откако ќе ги исфилувате корите, одозгора ставете стреч фолија или послужавник па на него некој потежок предмет (книга или сл.), оставете така преку ноќ во фрижидер, па наредниот ден премачкајте ја питата одозгора со чоколадната глазура. Оставете 15-тина мунути во фрижидер да се стегне па сечете парчиња по желба.