Еберсвалдер пржен колач
Состојки
- 500мл млеко
- 125гр путер
- 1/2 лажичка сол
- 300гр брашно
- 7 големи јајца (величина Л) или 8 средни јајца (величина М)
- околу 1л масло за пржење
Подготовка
Тестото за овие колачи е како за еклери, само што не се печат, туку се пржат. Се добива пециво кое однадвор е крцкаво, а внатре е меко како облаче.
Млекото, солта и путерот ставете ги да се варат. Откако ќе зоврие, додадете го наеднаш брашното и мешајте ја смесата брзо и енергично со дрвена лажица. Кога на дното од тенџерето ќе се направи бел слој/филм и тестото ќе се оформи во топка, тргнете го на страна и оставете да се излади. Додавајте ги јајцата едно по едно при тоа матете со миксерот со спиралните маталки. Ќе добиете сјајно и лепливо тесто. Ставете го во слаткарска кеса на која претходно сте наместиле модла со голем звездест отвор. Ставете го зејтинот да се загрее во длабоко тенџере. Загревајте на средна температура (кај мене беше на 4 од 9). Доколку пржите во фритеза, загревајте на 175 степени. Од хартија за печење исечете неколку квадрати (3-4) со големина отприлика 12/12см. Секој од нив премачкајте го со зејтин. На секој квадрат ишприцајте од тестото прстени со големина од околу 8см. Прстенитете правете ги дупли, во два реда. Значи, со еден потег правите еден прстен со шприцот и врз него уште еднаш со шприцот правите друг прстен. Така колачите при пржењето ќе добијат во висина. Откако зејтинот се загреал, земете го едниот прстен заедно со хартијата и превртете го наопаку во зејтинот. Веднаш ќе се излизга од хартијата и падне во зејтинот за пржење. Истото направете го и со другите. Не ја фрлајте хартијата, врз неа повторно правете прстени од тестото. Штом сте ги ставиле колачите да се пржат, затворете го тенџерето со капак и оставете така 1 минута да се пржат. Тргнете го капакот и продолжете со пржење додека едната страна убаво да порумени па превртете ги прстените од другата страна. Повторно затворете го тенџерето со капак и оставете така 1 минута. Тргнете капакот и оставете да се допржат колачите. Ова е за колачите убаво да нараснат при пржењето. Кога се готови наросете ги обилно со шеќер во прав или направете шеќерен прелив со што ќе измешате шеќер во прав со сок од лимон и вода и со таа смеса ќе ги премачкате колачите. Може во средината да ставите шлаг пена или пудинг од ванила, да ги натурите со чоколаден прелив, комбинирајте со овошје...Од оваа количина на состојки јас добив 25 колачи.