Испечати

Биг боул крофни (јубилеен 200ти рецепт)

Биг боул крофни (јубилеен 200ти рецепт)

Состојки

  • 175мл млеко
  • 40гр путер
  • 400гр брашно
  • 1 пакетче сув квасец (7гр)
  • 50гр шеќер
  • прстофат сол
  • 1 јајце
  • 1 жолчка
  • 1 лажица какао во прав
  • Шеќерен прелив
  • 50гр шеќер во прав
  • 1-2 лажички сок од лимон (или вода)
  • За полнење
  • 1 пудинг од ванила подготвен според упатсвото, или готов пудинг од ванила

Подготовка

Млекото и путерот ставете да се загреат додека путерот се стопи. Оставете да се излади до млако.
Во длабок сад ставете го брашното, шеќерот, квасецот, солта, јацето и жолчката, додадете млекото со путерот и изматете ја смесата со миксер со маталките за тесто. Матете некои 4-5 минути па потоа префрлете го тестото на лесно набрашнета површина и со набрашнети раце продолжете со месење уште 5-6 минути. Тестото е лепливо ама такво треба да биде, не доставајте повеќе брашно. Доколку ви лепи на површината на која месите, помогнете си со шпатула за подобро да можете да го измесите.
Поделете го тестото на два еднакви дела. Едниот дел, растегнете го малку со раце и во средина ставете го какаото. Преклопете од сите страни и замесете повторно. Ако ви е полесно, вратете го тестото во садот каде матевте и со миксерот изматете го.
Двете теста ставете ги во посебни садови, затворете ги со стреч фолија и оставете ги на топло да стасаат (отприлика 1 1/2 час). Премесете ги, вратете повторно во садовите, покријте со стреч фолија и ставете ги во фрижидер да отстојат најмалку 3 часа. Јас тестото го подготвувам од вечер и го оставам преку ноќ во фрижидер. Двете теста извлечете ги на набрашнета површина во кори со дебелина од 1 см. Темната кора ставете ја врз светлата и замотајте ролат. Ролатот развлечете го во кора со дебелина од 1см. Така ќе добите тесто во црно-бели слоеви. Со чаша вадете форми со големина од 8 см.
Тестото што ќе ви остане од краевите, замесете го кратко и повторно сечете форми....сега веќе ќе добиете марморна мустра. Сечете повторно форми со чаша.
Крофните редете ги на крпа, покријте ги и оставете да стасуваат.Пржете ги на умерена температура (кај мене на 4 од 9) од двете страни. Вадете ги на кујнска хартија да се исцедат од вишокот маснотија и оставете малку да подоладат. Внимателно со нож, отстранете им ја средината одозгора.
Пудингот подгответе го според упатството, оставете да се излади. Кога ќе биде млак, изматете со миксер за да добиете мазна смеса и ставете во кеса за замрзнување на која ќе и го исечете врвот.
Шеќерот во прав измешајте го со сокот од лимон (или водата) за да добиете хомогена смеса. Ставете во кесичка за замрзнување на која ќе и го отсечете врвот.
Крофните напрскајте ги со шеќерниот прелив и полнете ги со пудинг. Одозгора можете по желба и да ги наросите со шеќер во прав.
Од оваа количина на состојки мене ми излегоа 10 крофни.