Мешан леб - рецепт за почетници
Состојки
- 405гр. пченично интегрално брашно
- 135гр. ржано интегрално брашно
- 215гр. вода
- 12гр. сол
- 0,3гр. свеж квасец
- 215гр. кисело млеко (3,5% масленост)
- 15гр. оцет (јас користев јаболков)
Подготовка
Сите состојки измерете ги на вага (и течните) и ставете ги во длабок сад. Измесете го тестото рачно, во кујнска машина или со миксер (спирални маталки). Тестото ќе биде лепливо. Оставете го да стасува 24 часа. На секои 8 часа предиплувајте го тестото (од една страна заштипете го со прсти тестото, повлечете го во косина нагоре и префрлете го кон средината....така од секоја страна).
После тие 24 часа, оформете го тестото на набрашнета површина и ставете го во длабок сад во кој претходно сте ставиле памучна крпа и добро сте ја набрашниле. Покријте го садот и оставете го тестото еден час да одмори.
Рерната заедно со едно тенџере со капак, загрејте на 250 степени.
Тестото префрлете го на хартија за печење и со помош на хартијата ставете го во заграното тенџере. Поклопете со капак и ставете во рерна. Веднаш намалете ја температурата на 230 степени. Се печи вкупно 50 минути. Тргнете го капакот 10 минути пред крајот на печењето за лебот убаво да се потпече.
Ставете го испечениот леб на решетка и оставете потполно да се излади.
Забелешка
Доколку немате прецизна вага за да ја измерите точната грамажа на квасецот, тогаш земете малку од квасецот и оформете топче со големина на мало зрно од грашак. Тоа е отприлика 0,3гр.
Околу предиплувањето на тестото>
- јас лебот го замесив навечер, така да првото предиплување кај мене беше после 12 часа, второто после 18 часа (го замесив вечерта во 19 часот, прво предиплување во 07 часот наутро, второ предиплување во 13 часот, печев во 20 часот).