Испечати

Перфектен тост леб со гриз

Перфектен тост леб со гриз

Состојки

  • 330гр. млеко
  • 120гр. Лиевито Мадре (од фрижидер)
  • 333гр. сенаменско брашно Тип 500/550
  • 138гр. Семола римацината (мелен гриз)
  • 27гр. путер
  • 11гр. сол
  • 11гр. шеќер
  • 7гр. свеж квасец

Подготовка

Овој рецепт всушност требаше да биде јубилеен 300ти, ама поради техничките проблеми, процесот на враќање на содржините не е толку брз како што мислев/ме, така да останува да биде мој 174ти рецепт по втор пат ))))
Без разлика кој рецепт по ред е, се радувам на секој споделен исто како првиот пат кога на странава се објави мојот рецепт.
На резултатов од рецептов се израдував како мало дете кога ја видов совршената форма на тост леб ))), уште повеќе кога го пробав лебот.

Подготовка
Сите состојки освен квасецот, ставете ги во длабок сад и со миксер (спирални маталки) или во кујнска машина, изматете 3 минути со најмала брзина за да се спојат состојките. Покријте со крпа и оставете 20 минути да отстои, односно да набабри брашното од гриз. Тестото ќе биде лепливо (слика 1).
Додадете го квасецот и матете со повисока брзина наредни 10-12 минути. При крајот, тестото треба да се одвојува од страните на садот. Што поеластично е тестото, тоа повоздушеста ќе биде средината на лебот. Предиплете го по еднаш од сите страни и ставете во лесно намастен длабок сад (слика 2). Покријте со крпа и оставете на топло да стасува околу 90 минути.
Долгнавеста модла со капацитет од 1,5 литар, намастете ја со путер. Рерната вклучете ја да се загрева на 220 степени.
Тестото ставете го на набрашнета површина, и од него формирајте цилиндрична форма со должина колку модлата во која ќе печите. Исечете го на четири еднакви дела (слика 3). Секој дел ставете го во модлата, и тоа така да пресекот биде свртен кон страничните (долгите) зидови на модлата. Поклопете ја модлата и оставете да стасува 90 минути или додека убаво нарасне и ја наполни модлата со тесто еден прст под работ (слика 4). Ставете да се печи 38-48 минути во зависност од материјалот на модлата. Веднаш штом се испекол, извадете го од модлата и оставете на решетка да се излади.

Забелешка/ Најдобро е да користите модла со капак, или пак да најдете некој соодветен капак со кој ќе можете да ја затворите модлата. Бидејќи тестото во печењето многу нараснува, а ние сакаме да ја задржиме четвртастата форма на тост лебот, врз капакот ставам уште еден потежок капак од леано железо. Во спротивно, лесниот капак од мојата модла, не го задржува тестото да не се крене нагоре, а со тоа и капакот се крева.