Божиќни колачи (Меломакарона)
Состојки
- Тесто
- 4 чаши брашно (2 оштро и 2 меко)
- 3-4 лажици гриз
- 3/4 чаша цеден сок од портокал
- 1/4 чаша коњак
- 1,5 чаша маслиново масло
- 1/3 чаша шеќер
- 3-4 лажици мед
- по 1 лажиче цимет, прашок за пециво и сода бикарбона
- 1/2 лажиче каранфилче или микс за медењаци
- рендана кора од половина портокал
- 2-3 лажици толчени ореви
- 2 чаши шеќер
- 1,5 чаши вода
- 1 стапче канела
- 2-3 лажици мед за полевање и толчени ореви по потреба
Подготовка
На МР до сега имам поставено 2 рецепти за меломакарона, но бидејќи двата се моментално недостапни, ми беше предизвик да напишам нов кој и тоа како ќе се најде деновиве пред Божиќ. За мене меломакароната се најубавите божиќни колачиња и ми се на пиедестал во парените колачи.
На фотките ќе видите дека негде се посветли негде потемни колачите, тоа е заради тоа што половината ги направив без цимет. Исто така на бојата на колачите влијае и маслото, ако ставите маслиново си се потемни, ако е обично сончогледово ќе бидат посветли. Оригинално се прават со маслиново масло, но можи и обично да користите. Формата треба да е овална или кружна. Тестото треба да има цврстина да можите лесно да оформите колаче кое нема да е деформира кога ќе го ставите во плехот. Ако е премногу меко тестото, додадете гриз. После првиот пат кога ќе ги правите, секој нареден пат ќе ви бидат се поубави и поубави и ќе го развиете осетот што да додадете или одземете.
Подготовка
Измешајте ги состојките за тестото и замесете тесто колку да се оформи топка.
Оставете го во фрижидер кратко и ставете го шербетот да се приготви. Треба да се згусни убаво скоро како сируп.
Од тестото земајте по 1 лажица и оформувајте бомбици кои потоа малку ќе ги расплескате по должина и по висина. Редете ги на намастен плех или врз хартија за печење. Ќе ви требаат 2 плеха и се добиваат отприлика 40 парчиња.
Испечете ги колачињата на 170-180 степени околу половина час или додека не поруменат.
Топлите колачиња се прелеваат со оладениот шербет, а потоа се нанесува по малку мед одозгора и се наросуват толчени ореви.
Вака припремените колачиња покриени и во фрижидер можат да седат долго време иако не верувам дека ќе ви седат повеќе од 1 ден.
Обично овие колачиња ги подарувам за божиќните празници, тие се одличен знак на внимание кон блиските.