Чоколадна баклава со ореви со шербет од портокал
Состојки
- 500 гр свежи кори за баклава
- 6 лажици гриз
- 250 мл масло
- 100 гр чоколадо
- 300 гр ореви
- + 70 гр маргарин
- Шербет
- 600 гр шеќер
- 3 лажици мед
- 1 цеден порокал + кора
- 2 кесички ванилин шеќер
- 500 мл вода
Подготовка
Оваа баклава ја подготвив за Божиќ и ме воодушеви. Ми се допадна комбинацијата на горко чоколадо со шербетот со портокал и ореви и баш заради ваквата комбинација, може да се изедат повеќе парчиња, бидејќи не е премногу блага. Шербетот со мед и портокал е друга приказна. Дава еден преубав спој на сите овие вкусови, корите остануваат крцкави, а сепак сочни. Баш права баклава!
1. Прво подгответе го шербетот. Се става водата во кацерола на оган и во неа се додаваат шеќерите и медот. Се остава да зоврие. Кога ќе се појават ситни меурчиња, се додава сокот од портокал и кората. Се остава да врие 8-10 мин, односно додека да се згусне шербетот. Не го варете предолго, да не кристализира. Иако во овој случај, медот не би го дозволил тоа. Оставете го да се излади убаво.
2. Маслото и гризот се ставаат во тава за пржење и кратко време се запржуваат.
3. Во правоаголна тава за печење, се нанесува еден тенок слој масло. Потоа се зема една кора и се става во тавата и се пропрскува со смесата од гриз и масло. Ако ви се поголеми корите, прилагодете ги на димензијата на тавата. Јас ставав 1 цела и потоа две половинки, па потоа повторно 1 цела. На секој слој по 2 лажици од смесата од гриз и масло.
4. Првите 3 кори се празни, без ореви и чоколадо, потоа се става еден слој само ореви, комбинација половина сецкани половина мелени, околу 2-3 лажици.
5. Потоа се редат 3 слоја кори, помеѓу секој слој повторно со гриз и масло.
6. Сега на овој слој за почнуваме комбинацијата од рендано чоколадо со ореви. Ставете 2 лажици чоколадо и 2 лажици ореви.
*Ова го потенцирам заради печењето. Ако уште на првите кори ставите чоколадо, тоа многу брзо ќе се стопи и може и да ви загори. Затоа од 6тиот слој се почнува со чоколадо, а од 3тиот слој само со ореви.
7. Продолжете ја постапката, во зависност од корите. Јас имав 21 кора, ги поделив на 7 дела. Првите 3 и последните 3 кори треба да се празни, само напрскани со гриз и масло.
8. Уклучете ја рерната на 150 степени. Стопете го маргаринот. Насецкајте ја баклавата на баклави со димензии по избор. Или може и на триаголници. Како сакате. Одозгора баклавата прелијте ја со маргаринот и ставете ја да се пече во загреана рерна, околу половина час. Ќе забележите убава златно жолта коричка. Потоа намалете на 100 степени. Оставете ја уште половина час и на крај исклучете ја рерната и оставете ја баклавата внатре да се суши, уште половина час.
9. Топлата баклава, прелијте ја со ладниот шербет!
Секогаш е комбинацијата топло ладно. Ако ја оставите баклавата да се излади до крај, стоплете го шербетот и ставете го топол.
10. Оставете ја цела вечер да се упие добро шербетот и наредниот ден ќе биде спремна за дегустација.
Среќни Божиќни празници!