Испечати

Битолски зелник со праз, мелено месо и путер

Битолски зелник со праз, мелено месо и путер

Состојки

  • Тесто
  • 850-900 г брашно
  • 500 мл топла вода
  • 1 лажица оцет
  • 1 лажиче сол
  • трошка сув квасец
  • Фил
  • 500 г мелено месо
  • 3 страка праз
  • масло сол и црн бибер
  • За премачкување
  • 150-200 г омекнат путер на собна температура

Подготовка

Зелник класика, омилен дома, а и мене лично. Од оваа доза направив 2 не многу големи зелници во тркалезни тавчиња, а можи и да направите 1 голем во плехот од рерната. Постапката ќе ја напишам за 2 зелници.

Постапка

Од сите состојки за тестото замесете тесто. Прво користете миксер додека не се изедначи смесата, не го ставајте одма целото брашно, ставете 800 г па потоа видете дали е потребно уште кога ќе почнете да го месите со рака.

Замесете го убаво тестото и веднаш поделете го на 4 топки.

Оставете ги да одморат, а вие во меѓувреме запржете го празот. Откако ќе се запржи, додадете го меленото месо, убаво испржете се заедно, додадете сол и црн бибер и тргнете го тавчето настрана.

Секое топче од тестото расукајте го во тенка кора и премачкајте ја кората убаво со путер и здиплете ја превиткувајќи ја 5-6 пати. Секоја вака спремена и здиплена кора ставајте ја во фрижидер.

Кога ќе ги завршите 4рите кори, извадете ја првата кора од фрижидер и расукајте ја со помош на сукало. Премачкајте го тавчето со путер и ставете ја кората во тавчето, а краевите од кората треба да висат надвор.

Нанесете половина од филот. Извадете ја втората кора и расукајте ја и ставете ја врз филот. Краевите на двете кори спојте ги во спирална форма, ставете одозгора малку путер и ставете да се пече на 200 степени околу половина час или додека убаво не порумени.

После печење, попрскајте го со вода и покријте го со крпа.
Додека се пече првиот зелник, припремете го вториот следејќи ја погоре наведената постапка.
На здравје!