Декоративен ментол ролат
Состојки
- За декоративните линии
- 1 белка
- 30 гр шеќер
- 30 гр путер
- 20 гр брашно
- зелена прехрамбена боја
- За кора
- 2 јајца
- 60 гр брашно
- 60 гр шеќер
- прстофат сол
- За фил
- 150 гр бело чоколадо
- 150 гр слатка павлака
- 1 лажица ментол екстракт
- зелена прехрамбена боја
- 3 коцки чоколадо
- 100 гр слатка павлака
- 5 гр желатин
Подготовка
Можеби ќе ви изгледа подготовката тешка за изведба, ама вреди трудот, а и не е толку сложено како што изгледа.
Инаку моите домашни мислеа дека е солен ролатот, па за следен пат би направила ваква солена варијанта, некако бојата повеќе му одговара .
Подготовка
1. Ја вклучуваме рерната да ни се загрее на 170 степени.
2. Најпрво треба да ја направиме смесата за декоративните шари.
3. Сите состојки ги ставаме во еден сад и ги соединуваме со миксер. Смесата ја ставаме во кесичка на која ќе и го отсечеме ќошот или пак во шприц со кој може да се прават тенки линии.
4. На хартија за печење цртаме декорации по желба. Хартијата ја превртуваме и ја ставаме во тавче со 27х27 димензии во кое ќе го печеме ролатот. Истискуваме од смесата и ги формираме шарите.
5. Тавчето го ставаме во замрзнувач.
За тоа време ја правиме смесата за кората .
1. Ги двоиме белките од жолчките, жолчките ги матиме со шеќерот заедно, па го додаваме брашното.
2. Ги матиме белките да се зацврстат и со шпатула со лесно промешување ги соеднуваме со смесата од жолчки.
3. Го вадиме тавчето со шарите од замрзнувач и ја распоредуваме смесата врз нив.
4. Печеме околу 10 минути, ама секоја рерна различно пече па внимавајте да не ја препечете кората.
5. Откако ќе се испече, ја оставаме 2-3 минути да излади и потоа ја тргаме хартијата за печење, ама повторно во истата хартија ја роламе кората во ролат.
Подготовка на фил
1. Павлаката ја загреваме до вриење, ја тргаме на срана и во неа го додаваме белото чоколадо, ментол екстрактот и прехрамбената боја. Мешаме до растопување и изедначување на смесата.
2. Желатинот го растопуваме во 2-3 лажици вода, па го ставаме на ниска температура на рингла да се растопи.
3. 100 мл слатка павлака ја матиме до згуснување, ама не премногу, лесно да биде изматена.
4. Кон неа ја додаваме скоро изладената смеса од бело чоколадо и растопениот желатин. Матиме до соединување и згуснување.
5. Врз кората го распоредуваме филот и рендаме чоколадо врз него. Го завиткуваме ролатот и го оставаме да се стегне филот.
Сечеме парчиња по желба.