Жирафа ролат
Состојки
- Основна смеса
- 4 жолчки
- 15 гр шеќер
- 60 мл млеко
- 40 мл масло
- 75 гр брашно
- 1 ванилин шеќер
- Додаток на основната смеса
- 3 белки
- 50 гр шеќер
- 5-6 капки лимонов сок
- 2 лажички какао
- Светол дел
- 1 белка
- 2 лажички шеќер
- 1 лажичка брашно
- 2 лажици од основната смеса
- Фил (по желба)
- 200 мл слатка павлака
- 1 чоколадо за готвење
- 1 лажица какао крем
- 1 пакетче шлаг пена
Подготовка
1. Подготовка на основна смеса: Изматете ги жолчките и шеќерот и ванилиниот шеќер, додадете ги млекото и маслото и матете додека да добиете хомогена смеса. Додадете го брашното и мешајте убаво. Од оваа смеса одвојте 2 ЛАЖИЦИ И СТАВЕТЕ ГИ НА СТРАНА. Ќе ви требаат за светлиот дел.
2. Подгответе го додатокот, изматете ги цврсто белките, шеќерот и малку лимонов сок и полека оваа смеса додадете ја на основната смеса и измешајте ги. На крај додадете го какаото и убаво измешајте.
3. Преминете на подготовка на светлиот дел, изматете ја белката со шеќерот, додадете го брашното и 2 лажици од основната смеса, кои претходно ги тргнавте на страна. Убаво измешајте и турете ја оваа смеса во пластична кеса или во шприц, јас користев мал шприц за декорирање. Исечете го едниот крај од кесата ако користите ќеса и со помош на овој импровизиран шприц направете шари. Шарите цртајте ги на хартија за печење поставена во плех, јас ја намастив малку хартијата одозгора со масло пред да цртам.
4. Откако ќе ги направите шарите, ставете да се пече во загреана рерна на 170 степени САМО 1 минута колку да се стврдни малку. Немојте да печете подолго време во никој случај. Извадете го плехот од рерна, па над печените шари прелијте ја темната смеса и оставете да се пече уште 15тина минути.
5. После печење, извадете го плехот и преместете го пандишпанот со се хартија и оставете да се излади (не ја вадете хартијата за печење).
6. Подготовка на фил: се вари слатката павлака со чоколадото и се додава кремот. Оваа смеса се лади, убаво да се згусни. Мене не знам од кои причини воопшто не ми се згусна смесата, па затоа ставив 1 кесичка шлаг во прав и го изматив и добив прекрасен фил. Значи шлагот е опционален.
7. Нанесете го филот, ставете банани (по желба) и внимателно замотајте го ролатот и постепено вадете ја хартијата за печење од кората.
8. Добиениот ролат замотајте го хартија или во најлонска фолија убаво и ставете го фрижидер неколку часа или преку ноќ. Вкусот е како на прекрасна торта.