Кремаста чоколадна торта
Состојки
- Состојки за 1 бисквит (потребни се вкупно 4)
- 3 белки
- 3 лажици шеќер
- 50гр мелени лешници
- 1/2 лажица брашно
- Крем
- 12 жолчки
- 100 гр шеќер
- 3 лажици со врв полни брашно
- 3 пудинга од ванила
- 1л млеко
- 100 гр шеќер
- 200гр чоколадо со кршени лешници
- 200 гр бело чоколадо
- 250гр путер на собна тепмература
- 500мл шлаг
- Декорација - Ганаш
- 200 мл слатка павлака
- 500гр млечно чоколадо
Подготовка
За оние кои обожаваат многу кремасти торти, оваа торта е полн погодок. Покремаста торта до сега немам пробано :)
Загрејте ја рерната на 200степени.
Белките матете ги додека да побелат, па додадете го шеќерот. Матете додека да добиете цврст снег. Додадете брашно и лешници и измешајте со шпатула да се спојат состојките. Ставете ја смесата во модла бр.26 на која на дното сте ставиле хартија за печење. Ставете да се пече 12-15 минути во зависност од рерната. Кога е готово, извадете го бисквитот од модлата и отстранете ја хартијата. Оставете да се излади. На истиов начин подгответе уште три бисквити. Треба да имате вкупно четири бисквити.
Подготовка на крем
Жолчките заедно со 100гр. шеќер изматете ги пенасто. Во еден сад ставете 200мл. од вкупната количина на млеко и додадете го брашното, другите 100гр. шеќер и пудинзите. Измешајте убаво да нема грутки. Оваа смеса додадете ја во жолчките. Останатото млеко ставете да се вари. Откако ќе зоврие, додадете ги смесата од пудинзи и жолчки и варете на средна температура со постојано мешање со жица за матење. Откако кремот убаво ќе се згусне тргнете го на страна и поделете го во два сада. Во едниот дел додадете ја на коцки искршена чоколадата со лешници, а во другата белото чоколадо. Измешајте за да се стопи чоколадата. Ставете стреч фолија одозгора и оставете потполно да се излади.
Путерот изматете го пенасто и него поделете го на пола. Додадете по една половина во кафениот и жолтиот крем и изматете убаво. Шлагот исто изматете го убаво.
Филувањето оди на следниов начин
Бисквит - кафен крем - жолт крем - шлаг
Постапката се повторува и се завршува со бисквит. Одозгора се декорира по желба. Јас декорирав со ганаш....поготовката за истиот е следнава...
Слатката павлака ставете ја да зоврие. Откако зоврела, тргнете на страна и во неа ставете го чоколадото искршено на коцки. Мешајте ја смесата со жица или шпатула додека чоколадото се стопи, покријте со фолија или капак и оставете на собна температура потполно да се излади и стегне. Најдобро да го оставите преку ноќ да отстои. Ганашот никако не го ставјте во фрижидер! Ќе се стврдне многу и нема да биде погоден за премачкување на тортата. Најдобро да стои на собна температура или во поладна просторија на 15-18°Ц.
На здравје!