Испечати

Пастрмалија со сланина

Пастрмалија со сланина

Состојки

  • Тесто
  • 100 мл млеко
  • 50 мл јогурт
  • 2 лажици масло
  • 1 белка од јајце
  • 1/2 лажиче шеќер
  • 1/2 лажиче сол
  • 1/2 коцка квасец
  • 250-300 гр брашно
  • пециво на врвот од ножот
  • по потреба омекнат маргарин за премачкување на корите
  • сусам и жолчка за одозгоре
  • Фил
  • 300 гр ситно сецкана димена месеста сланина
  • 200 гр рендан мек кашкавал
  • За посипување
  • по потреба сусам

Подготовка

Ова не е класичен рецепт за пастрмалија, туку е експериментален, има модификации и во тестото и во зајрето и можам да кажам дека пастрмалијата во ваква форма е прееееевкусна, се топи в уста, тестото е милина, немам коментар. Бидејќи тестото за пастрмалија си сака свинска маст, комбинацијата со свинска сланина од која и се добива салото е идеална, наместо да ја премачкувате со сало, самата сланина ќе си ја даде маснотијата. Од оваа количина направив 2 пастрмалии, една за мене и една за син ми, во нормални услови дозата треба да е дупла. Тестото е фантастично и во наредна прилика ќе го искористам за фурнаринки.
Подготовка
1. Растворете го квасецот во млако млеко со 1 лажиче шеќер.
2. Кон овој раствор додадете јогурт, масло, сол, белка, пециво и додадете околу 200 г брашно и замесете тесто. По потреба додавајте уште брашно, додека не добиете меко и нелепливо тесто.
3. Оставете го да нарасти 40тина минути.
4. Потоа поделете го на 4 дела.
5. Земете еден дел, раширете го во мала кора и премачкајте го со омекнат маргарин. Земете уште еден дел, раширете го во иста големина и ставете го врз првата кора. Со рацете нежно раширете долгнавеста кора и оформете пастрмалија, краевите подебели, а кон средината тенко.
6. Ставете ја во плех обложен со хартија за печење и во длабнатината, наредете коцки сланина и одозгора кашкавал. Истото повторете го со другото тесто и оформете уште една пастрмалија.
7. Премачкајте ги краевите со маргарин и со жолчка, наросете сусам по краевите и оставете ги да се накренат половина час.
8. Потоа ставете ги да се печат на 180 степени околу половина час.
Напомена-сланината која ја користев во сите рецепти беше поголем дел месо, а помал дел маснотија. Обично парчињата беа вакумирани и поголеми и самата ги сечев дома. Бирајте квалитетни парчиња на сланина, обавезно димена и солена.